Охрид на нозе - почнаа празнувањата за Водици

 

Во црквата „Свети Никола Геракомија“ во Охрид денеска се одржа примопредавање на кумството по повод православниот празник Богојавление  - Водици. Со ова почнуваат празнувањата во рамки на најмасовната верска манифестација во градот и пошироко - традиционалното фрлање на чесниот крст во осветените води на Охридското езеро.

Свечената литургија заврши со примопредавањето на кумството за Водици од минатогодишниот кум Стојан Ѓоргоски на овогодинешните кумови – градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и охридскиот стопанственик Сашо Симески.

- Чинот на свеченото предавање на кумството е една најголема духовна вредност со која може да се закитат новите кумови, голем радосен момент во животот на еден охриѓанец и Македонец со православна вероисповест. Тоа претставува обврска овие радосни мигови да ги споделуваме со сите наши роднини, пријатели, познаници, сограѓани... Една обврска да ги споделуваме и хуманите, моралните и етичките вредности луѓето, рече Бакрачески.

Тој апелирашедо граѓаните, што помасовно да го посетат Охрид/

- Се ќе биде подготвено за одбележување на овој можеби најголем верски празник на охриѓани, на кој очекуваме рекорден број посетители, додаде Бакрачески.

Димитри Пендов од Здружението за афирмација на МПЦ „Богојавление“ што веќе 11-та година ја организира манифестација истакна дека веќе е во тек пријавувањето на оние верници кои ќе скокаат во водите на Охридското Езеро по чесниот крст на 19 јануари.

- Досега се пријавени преку 300 капачи и интересен податок што повеќе од половината од нив се од другите градови на Македонија како Скопје, Ресен, Битола, Штип, Прилеп, а има и неколку пријавени од Србија, Чешка, Шпанија и други држави. Имаме најави дека и други лица од соседните држави оваа година ќе скокаат по крстот. Се очекува вкупната бројка да биде преку илјада. Минатата година беа пријавени 1.060 верници и се надевам дека оваа година ќе го надминиме тој број, истакна Пендов.

Подготовките започнаа и на Градското пристаниште. Досега е исчистен делот на дното на езерото од цврст отпад и одбележани се местата предвидени за капачите.

Празнувањата почнуваат вечерва со голем концерт на балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, а продолжуваат утревечер со концерт на хорот „Света Злата Мегленска“. На самиот ден Водици ќе биде организиран голем концерт со настапи  на охридски тајфи што го негуваат староградскиот мелос, а за 20 јануари или Денот на рибарите исто така ќе биде организиран целодневен хепенинг на Градското пристаниште, каде покрај другите активности ќе се служат тон пржени плашици, бесплатно вино и ракија за посетителите, како и два тона рибна чорба, донација на хотелот „Ројал Вју“.

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во Охрид.

 

17.01.2014 - 15:23
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега