Владата наскоро со проект за стипендии за меѓународни магистратури на наставниците

 

За време на обраќањето пред синдикатите во Домот на АРМ, денеска премиертот Никола Груевски најави и стипендии за меѓународни магистратури на наставниците.

- Владата наскоро ќе излезе и со Проект за стипендии за наставници кои ќе се запишат на топ 200 универзитети на магистерски од областа на образованието и едукацијата во времетрање од една година со право на мирување на работен однос и со обврска да се задржи работното место во траење од пет години по завршување на студиите, појасни премиерот.

Според Груевски во годините на транзицијата постепено се намалуваше квалитетот на педагошките факултети, што е исклучително лошо за сегашните и идните генерации ученици, па затоа според него реформата за педагошките факултети ќе биде стимулирачка и мотивирачка за учениците.

Во обраќањето премиерот меѓу другото потсети и на систем на вреднување на објективноста при оценувањето на учениците, со екстерното тестирање, при што 20 отсто од најдобрите наставници мерени според најобјективно дадените оценки ќе добијат 15 отсто повисока плата во следната година, а 20 отсто од наставниците чии оценки отстапуваат за повеќе од 2 споредено со оценките од екстерното тестирање, ќе добијат пониска плата.

- Целта на оваа мерка е да се добие објективно оценување на учениците, но и да се елиминира притисокот врз наставниците од страна на родителите за пишување повисоки оценки од реалното знаење, рече Груевски.

20.01.2014 - 13:50
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега