Бизнисмени од Ирак доаѓаат во Македонија

 

Бизнисмени од Ирак следната недела ќе пристигнат во Македонија, за да се запознаат со нејзините стопански потенцијали. Според информациите од Стопанската комора на Македонија, бизнисмените особено се заинтересирани за индустриските и прехранбени производи, но и за секторите градежништво, туризам, здравство, образование и спорт.

Делегацијата на Унијата на ирачки бизнисмени која ќе ја посети земјава, има за цел организирање повеќе деловни мисии годинава. 

Седиштето на Унијата која брои 17 регионални канцеларии, е во Багдад.

- Станува збор за стопанска асоцијација на претприемачи со висок личен интегритет, финансиски и административно независна. Соработува со владите, арапските и меѓународните организации, ги поттикнува на воспоставување заеднички вложувања во Ирак со цел реконструкција на економијата, вели Љубица Нури од Комората.

Идејата на веќе реализираните контакти, додава, е реконструирање на стопанските односи кои  постоеле пред дваесет години.

- Ирачките компании се заинтересирани за увоз и дистрибуција на разни видови македонски производи на ирачкиот пазар, прехранбени и пијалаци, земјоделски производи, козметички и фармацевтски производи, метален комплекс, градежништво и градежни материјали, индустриска опрема, трговија на производи за широка потрошувачка, мебел, транспорт, туризам,.... Бизнисмените ќе се запознаат и со можностите за инвестирање и со потенцијалите за водење бизнис во Македонија. Во рамки на нивната посета, ќе организираме бизнис-форум за воспоставување билатерални деловни контакти со македонски компании кои би се јавиле како нивни потенцијални деловни партнери. Планирани се билатерални разговори со ирачките компании од неколку стопански сектори, вели Љубица Нури.

Ирачкиот приватен сектор, додава Нури, може да биде мост за пласман на македонските производи и во други земји на Блискиот Исток.

24.01.2014 - 11:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега