Трифун Костовски си ја докупи банката

 

Еуростандард банка стана целосен сопственик на Поштенска банка. Банката во сопственост на бизнисменот Трифун Костовски која поседуваше две третини од Поштенска ја купи и последната третина која до денес беше во државна сопственост. Еуростандард беше и единствен учесник на берзанската аукција, а државните акции ги купи за вкупно 4 милиони и 400 илјади евра. Притоа 12.830 акции се продадоа по номинална вредност од 20.950 денари. Бизнисменот Трифун Костовски за Алфа ја потврди трансакцијата.

„ Тоа беше за нас најважниот дел, да ги откупиме преостанатите 33.3% и да имаме 100% владение на Поштенска банка. Со тоа воедно се гаси златната акција на државата и дефинитивно можеме сами да управуваме со својот имот и самите да го развиваме, бидејќи во минатото таа златна акција се користеше секогаш кога требаше да се донесе некоја важна одлука“ – вели Трифун Костовски.

Бизнисменот Костовски најави дека за најмногу еден месец треба да падне одлука за припојување на Поштенска банка кон Еуростандард. Преземањето на Поштенска банка треба да ја постави Еуростандард во групата на средни банки според вредноста на капиталот.

„ Ќе има многу потешкотии. Тоа ќе трае релативно долг период. Ќе бидеме подложени на повеќе трошоци, ќе треба да се направат анализи, рационализации, но на крајот сами ќе си ја кроиме сопствената судбина“ – вели Костовски.

Најавата за преземање на Поштенска банка од страна на Еуростандард е прв чекор во насока на окрупнување на банкарскиот сектор годинава. Лани, гувернерот Богов , во повеќе наврати истакна дека 16 банки се премногу за малиот македонски пазар и дека ако не дојде до спојување или преземање, дел од малите банки кои работат со загуба ќе пропаднат.

24.01.2014 - 21:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега