ВМРО-ДПМНЕ: Намалувањето на невработеноста останува приоритет на Владата

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поздрави мерката на Владата на Република Македонија со која им се дава шанса и можност за вработување на оние кои најтешко доаѓаат до ново работно место, со што, како истакнуваат од партијата, се покажува дека грижата за сите граѓани од сите категории и намалувањето на невработеноста и понатаму останува приоритет на владејачката партија.

- Благодарение на Програмата за субвенционирање на вработување, во 2014 година ќе се вработат нови 587 лица кои се активни баратели на работа, но кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Мерката е наменета и за лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица (5 години и повеќе), како и лица кои до 18 години имале статус на деца без родители. Да потсетиме дека во категоријата на лица од 50-59 години се оние луѓе кои најтешко се снаоѓаат на пазарот на трудот и својата работа ја изгубиле во времето на криминалната приватизација на СДСМ, рече на денешната прес-конференција Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата сметаат дека оваа мерка е одлична шанса и за младите лица до 29 години кои се невработени и кои веќе размислуваат за оформување семејство и понатамошно креирање на успех во својот живот.

- Би сакале да потенцираме дека во оваа мерка се опфатени и оние лица со кои си поиграла судбината. Односно 80-тина од овие 587 вработувања се наменети за лица од ранливите групи. Тоа се лица жртви на семејно насилство, бездомни лица, деца без родители, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, како и луѓе кои биле жртви на трговија со луѓе, рече таа.

За оваа мерка Владата има издвоено 47.520.000 денари од буџетот на Република Македонија.

- Грижата за сите категории на граѓани од страна на ВМРО-ДПМНЕ продолжува во континуитет. Она што беше ветено-веќе се остварува, истакна Рангелова.

Финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи групи изнесува 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. За секое вработено лице ќе се исплаќа бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за период од 6 месеци.  Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци или што е уште поважно на негово место да вработи друго невработено лице од истата целна група.

- Со оваа мерка Владата ќе им овозможи на овие лица и нивните семјства пристојни услови за живот. Оваа програмата за субвенционирање на вработување на невработени лица Владата на Република Македонија ја реализира континуирано од 2007 година, и е една од најуспешните мерки.  Од исклучителна важност е податокот што и нас не прави горди е што изминатите години преку оваа мерка вработени се 4668 лица од споментатите категории, истакна Рангелова.

Благодарение на овие мерки, додаде Рангелова, како и на економските политки кои ги води Владата на ВМРО-ДПМНЕ високата невработеност од 38 проценти се намалила на 28 проценти, што, како што истакна, досега е најниска стапка на невработеност во историјата на Македонија.

25.01.2014 - 15:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега