Оптимизам меѓу бизнисмените по растот на индустриското производство во декември
Порастот на индустриското производство од 3,2 проценти за минатата година е позитивен сигнал како за бизнисот, така и за економијата, а посебно фактот дека имаме пораст од 9,5 проценти во месец декември споредено со декември од минатата година.
Ова го оцени во изјава извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија Митко Алексов.
Како што истакна овој тренд на раст на индустриското производство беше присутен во текот на цела 2013 година, посебно во втората половина каде што имавме значителни расходи и во ноември, и во октомври и во септември.
- Може слободно да кажеме дека индустриското производство излезе од една фаза на негатива и фаза на стагнација. Меѓутоа, сепак, треба да бидеме претпазливи за да оствариме вакви позитивни резултати и во следната година. Овој позитивен тренд сметаме дека се должи пред се на зголемените нарачки од страна на нашите први трговски партнери, односно како резултат на позитивните економски движења и трендови во еврозоната, рече Алексов.
Очекува ваквите движења да продолжат и оваа година, а особено и да има зголемување на банкарската поддршка на стопанството и кредитниот раст.
Исто така очекува продолжување на позитивните економски политики од страна на Владата токму во овој дел, особено на поволната кредитна линија од Европската инвестициска банка која, според него, во моментов е најповолна и најприфатлива токму за малите и средни претпријатија.
Смета дека и личната потрошувачка исто така ќе придонесе за развој на индустриското производство и за зголемување на БДП во земјата. - Тука пред се мислиме на мерките кои беа неодамна преземени во делот на зголемувањето на пензиите за пензионерите, платите за јавната администрација од септември/октомври и зголемување на минималната плата. Овие средства кои ќе бидат во делот дадени како плата на граѓаните во Македонија ќе се јават како потрошувачка сила на домашниот пазар што од своја страна ќе придонесат и за зголемување на индустриското производство и за зголемување на БДП во земјата бидејќи ако погледнеме во делот на индустриско производство имаме најголем раст токму кај преработувачката индустрија, истака Алексов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа