Владата го објави шестиот повик за изградба на 80 мали хидроцентрали
Владата го објави шестиот јавен повик за доделување концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 80 мали хидроелектрични централи во Република Македонија.
Како што информираше вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција во Владата, право на учество на повикот имаат сите домашни и странски правни лица кои ќе ги исполнат бараните услови. 48 локации се групирани во 16 групи што значи дека еден инвеститор ќе треба да гради од две до четири хидроцентрали, а 32 се поединечно понудени. Периодот на концесија е 23 години од кои три за изградба и 20 концесија за искористување на водата.
- Со промената на концептот на фидинг тарифи се предлага модел со блок тарифа во зависност од инсталираната моќност на хидроелектричната централа. Централите ќе бидат групирани во неколку групи и може да се очекува кај помалите централи со моќност до 1,5 мегавати фидинг тарифата да се зголеми од 4 до 6 проценти, додека каја некои кои се над 2 мегавати можно е и нејзино намалување, појасни Пешевски, додавајќи дека се направени измени и дополнувања на мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија на ЕВН Македонија, кои се одобрени од Регулаторната комисија за енергетика. Во нив е предвидена посебна глава за приклучок на малите централи во дистрибутивната мрежа, проблем со коиј често се соочуваа инвеститорите, а намален е и трошокот за приклучување на мрежата.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми нагласи дека изградбата на малите хидроцентрали ќе значи подобрување на животната средина, намалување на климатските промени и зголемување на процентот на искористување на обновливте извори на енергија.
- Со измените во јавниот повик во 16 групи се групирани 48 локации за изградба на мали централи и тоа според водотеци, географска близина, можна приклучна точка и пристапен пат. Другите 32 локациии ќе бидат поединечно понудени. Во соработка со ИФЦ е подготвена тендерската документација, моделот на договорот и веб порталот за малите хидроелектрични централи кој е вграден во сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање, рече Адеми.
Во досега објавените пет повици за изградба на мали хидроцентрали низ Македонија потпишани се 67 договори, а целосно се изградени 14 мали хидроелектрани. Останатите се во фаза на градба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа