Оер: Искуството на француските компании може да и помогне на Македонија
„Франција како бизнис партнер на Македонија“ е темата на првиот Француско-македонски бизнис форум кој вчера се одржа во Скопје. Форумот беше во организација на Француската амбасада во Македонија со поддршка на францускиот регионален економски сервис.
На Форумот на кој учествуваа избрани претставници од владини тела како и од бизнис-заедницата на двете земји, се обрати француската амбасадорка Лоренс Оер. Целта е, рече таа, охрабрување на економската соработка помеѓу двете земји, како и воспоставување контакти и размена на знаење за можностите за отворање нови пазари.
- Француската амбасада нема претензии ниту намера да и кажува на бизнис заедницата како да води бизнис, тоа не е наша улога. Ние сме, исто така, совршено свесни за нашиот дел од пазарот - а тоа е дека Франција е скромен трговски партнер овде во Македонија. Но, француските компании имаат компетенции и искуство што може да биде од интерес за Македонија во контекс на нејзината евроинтеграција, посочи амбасадорката Оер.
Таа истакна дека има неколку француски компании кои активно се присутни во Македонија веќе подолг период како „Publicis“, но и компании кои се дојдени во земјава во последната година две како што се „Lactalis“, „Mr Bricolage“ и „Карфор“. Го подвлече и присуството на „Сосиете Женерал-Охридска банка“ како најголема француска приватна инвестиција во Македонија од 2007 година, која бележи постојан развој. Амбасадорката Оер потсети, исто така, дека Франција одржува значајна административна соработка со властите во Македонија за подготовка на земјата за пристапување во ЕУ. Иницирањето на Форумот, како што посочи, е надополнување на политичките и културните активности на Амбасадата, а во контекст на француската државна стратегија.
- Овие активности можат да помогнат да се основаат мали бизниси во Македонија и реципрочно во Франција со подобрата видливост и информираност што ја нудат. Преку размената на информации и дискусијата за најдобрите практики овој форум, во овој или друг формат, ќе може да придонесе за подобри економски односи и преку воспоставување редовни средби двапати годишно, порача Оер.
Филип Шатињо претседател на регионалната канцеларија на француското Министерство за финансии, оцени дека Форумот инициран од амбасадорката Оер е одлична можност за стекнување нови бизнис контакти и можни деловни партнери. Според него, навистина има растечки интерес во Франција за Македонија. На денешниот форум, подвлече тој, присутни се и три значајни француски компании од областа на инфраструктурата - железницата, менаџирање на водните ресурси и од областа на транспортот.
- Овие компании носат многу идеи за развој на нови проекти со македонски партнери при што би се искористиле француски фондови, фондови од ЕУ или од меѓународни институции како Светска банка. Сметам дека е вистинско време да започнеме структурен дијалог меѓу Франција и Македонија во која било економска област или да поттикнеме подобра трговска размена во соработка и со регионални партнери, рече Шатињо.
На првиот Француско-македонски бизнис форум се обрати и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески. Тој истакна дека од особена важност е продлабочувањето и интензивирањето на досегашната економска соработка меѓу двете земји, како на меѓуинституционално ниво, така и во рамки на бизнис заедницата, со цел зголемување на трговската соработка, како и соработката во областа на инвестициите.
Министерот Павлески ги претстави компаративните предности на Република Македонија од аспект на конкурентните производствени трошоци и атрактивноста на даночниот систем кои ги нуди нашата земја, како и потпишаните договори за слободна трговија, и за можноста земјава да биде еден вид регионален центар за настап на француските инвеститори на европскиот пазар.
На Форумот присуствуваа претставници од триесетина реномирани компании од Франција и од Македонија. Присутни беа и претставници од Француската агенција за меѓународен економски развој UBIFRANCE, која за годинава најавува одржување семинари и работилници за француски бизнисмени за запознавање со деловните можности и клима за инвестирање во Македонија и средба со компании од македонскиот и францускиот ИТ сектор.
ФОТО: maticanaiselenici.com