Туристичките потенцијали на Македонија претставени во Бугарија
Бугарија од 13 до 15 февруари имаше можност да се запознае со туристичките потенцијали кои ги нуди Македонија, на саемот кој се одржа во Софија.
- Македонија минатата година ја посетиле 15,5 проценти повеќе туристи од Бугарија. Овие извонредни бројки покажуваат дека соработката на Македонија и Бугарија е на доста високо ниво, за што се надеваме дека оваа тенденција на пораст ќе остане и во иднина бидејќи имаме високи очекувања од овој пазар. Бугарија во овој момент е рангирана на петто место по бројот на туристи, веднаш по Турција, Србија, Холандија, рече директорот на Агенцијата за развој на туризмот, Христијан Џамбазовски.
Според амбасадорот на Република Македонија во Бугарија Благој Ханџиски оваа туристичка берза е одлична можност за сите учесници да ги претстават и рекламираат своите досегашни туристички продукти и своите нови програми, да остварат корисни бизнис контакти.
- Одамна помина времето, кога туристите бараа класичен одмор на нашите езера, планини или мориња, кога се сметаше, дека за нивното привлекување е доволно државата да има само ретки и незаборавни природни убавини. Денес, од туристичкиот производ се бара да предложи целогодишен културен, спа, релаксирачки, еко и хоби туризам. Денес туризмот прерасна во една од најважните економски гранки во сите земји. Од тука, тоа што треба да се прави на владино ниво е обезбедувањето на побрз и посигурен достап до туристичките центри во двете земји. За тоа прашање разговараа и потпишаа соодветен протокол и нашите министри за транспорт, со кој тие проекти се прогласија за проекти од заемен интерес и се договорија за динамиката на нивната изградба, рече Ханџиски и додаде дека заеднички се работи и на отворање директна авиолинија меѓу двете држави, минатата година се формира Македонско-бугарската трговска комора, која работи за подобрувањето на условите за зголемување на трговската размена.
На саемот за туризам во Бугарија, Република Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа