Повеќе од 300 македонски компании работат по светски стандарди

 

Претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески, денеска изјави дека македонската економија во изминатиот период има создадено многу сериозна структура. Преку 300 компании работат по светски стандарди и успеваат да го верифицираат својот производ.

 

- Фактот дека 70 отсто од нашето производство се извезува во ЕУ како најпребирлив пазар, доволно зборува дека во Македнија постои некаква структура која треба да ја поддржиме и да овозможиме нејзин раст. Тоа е во интерес не само на создавањето профит на компаниите, туку и во интерес на секој граѓанин, напомена Азески по презентацијата на новата палета производи на „Мак прогрес“ во Стопанската комора.

 

 

Тој потенцира дека годинава во фокусот ќе бидат три стратегиски компоненти, средување регулатива и мрежа на партнерски организации со земјите од третиот свет, како и регионално поврзување.

 

- Со некои земји од третиот свет немаме договори за двојно оданочување и заштита на инвестиции, со други не се воспоставени дипломатски односи или проблем е визниот режим,... На тоа мора да работиме. Не помалку важно е и поврзувањето на балканските земји со цел заеднички настап преку претходно креиран заеднички производ. Првиот принцип на европско организирање е токму регионалниот, подвлече Азески.

 

Став на Азески е дека во актуелната општа песимистичка атмосфера создадена од кризата и неуспесите во регионот и во светски рамки, неправедно се оставаат на страна успешните компании. Комората, порача, секогаш ќе стои зад нив зашто тие треба да се пример за економската политика која единствено може да и гарантира благосостојба на државата.

20.02.2014 - 14:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега