Македонците и Босанците точат најевтин бензин
Податоците за цените на горивата во земјите од соседството покажуваат дека Македонците и Босанците точат најевтино гориво во регионот.
Најевтиното гориво на Балканот е во Босна и Херцеговина, каде литар „евросупер 95“ чини 1,17 евро, додека литар дизел-гориво чини 1,22 евро. Зад БиХ е Македонија, каде еден литар од истото гориво чини 1,26 евро, а дизелот 1,12 евро, објавува Дневник.
Според српските медиуми, повисоките цени на горивото кај нив, српските граѓани кои живеат во пограничните појаси почнале редовно да ги полнат своите резервоари во Македонија и во Босна и Херцеговина.
-Пресметките покажуваат дека за да се наполни резервоар од 40 литри бензин, на Босанците им се потребни 46,8 евра, на Македонците 3,6 евра повеќе или вкупно 50,4 евра, а Србите треба да платат 53,2 евра или 2,8 евра повеќе од нас или 6,4 евра повеќе од Босанците. Друга е состојбата со дизел-горивото. Математиката покажува дека тоа е најисплатливо да се наточи кај нас. Полн резервоар од 40 литри во земјава чини 44,6 евра, во Босна 4,2 евра повеќе или вкупно 48,8 евра и во Србија 54 евра или речиси 10 евра повеќе отколку кај нас, пишува Дневник.
Од почетокот на 2014 година, горивата во Србија се поскапени поради зголемената акциза. Па така, литар бензин чини еден динар повеќе отколку лани, додека дизелот е поскап за четири динари. Во Србија на цената за литар гориво не се додадени трошоците за обврската за обележување на дериватите, мерка што важи од овој месец и се проценува на 0,30 динари за литар. Цената на дериватите на бензинските пумпи е околу 1,33 евро за литар евросупер и 1,35 евро за литар евродизел.
Според белградскиот весник „Новости“, цената на бензинот во Босна и Херцеговина е пониска за 10 евроценти за литар, па ако српски граѓанин таму наполни полн резервоар ќе заштеди илјада динари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа