Коњановски: Нема врски и неправедности - субвенциите одат кај работливите земјоделци

 

Паричните средства наменети за субвенционирање на земјоделците, секоја година растат, македонските земјоделци добија мотив за работа, а Македонија добива се повеќе квалитетни земјоделски производи. Освен ние, нашите соседи и граѓаните на европските земји бараат парче повеќе од македонскиот домат,пиперка, македонското вино, нашиот тутун.

Oва го вели заменик-минисетерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски во интервју за порталот Курир. 

- Еден од главните владини приоритети е развојот на земјоделството во Република Македонија, а нормално со тоа е поврзан и квалитетот на живот во руралните средини. Не треба едното од другото да се одделува. Неслучајно одредени политички противници­ пробаа можеби да не навредуваат со тоа што не нарекоа земјоделско-селска Влада, па потоа во еден период пробаа и да не имитираат. Беа по села, разговараа со земјоделци... Но брзо се откажаа од тој курс и сега повторно со навреди околу резултатите за земјоделието, околу реформите во земјоделието, околу исплатата на субвенциите. А ние едноставно доследни на она што го кажавме од првиот момент кога ја побаравме поддршката од земјоделците и од сите граѓани. Остануваме посветени кон земјоделците, остануваме да бидеме главна потпора на земјоделците, да развиваме политики кои ќе гарантираат развој на земјоделството во Република Македонија. Остануваме посветени кон исплатата на субвенциите, јавно се деклариравме преку повеќегодишни програми дека врвен приоритет на Владата на Република Македонија се земјоделието и земјоделците затоа што навистина гледаме тука огромна шанса. Ако секој ден на Земјата имаме поголем број жители, а имаме еден влезен податок кој ни е константа, а тоа е земјоделското земјиште во светот, тогаш сигурно ќе го добиеме одговорот зошто ние посветуваме толку внимание на земјоделството. Сакаме од ова плодно македонско земјиште да произведеме килограм повеќе производи и да го пласираме на македонски пазари, но и надвор од македонските пазари, вели Коњановски за Курир.

И покрај неоснованите критики, вели Коњановски, македонската Влада остана доследна на политиките и максимално посветена на исполнување на ветувањата дадени на земјоделците. 

-Уште еднаш сакам да кажам дека зборот кој премиерот, владата и министрите и министерот за земјоделие и мојот личен збор кој го даваме кон земјоделците до крај го исполнуваме. Онака како што ветивме од првиот ден, од првата седница на Владата кога најавивме револуционерност во однос на земјоделието, така и продолжуваме. Имено, оваа година веќе имаме испланирано во буџетот 140 милиони евра наменети за развој на земјоделието, како директни субвенции, така и преку програмата за рурален развој, така и преку програмата за рибарство и аквакултура. Значи 140 милиони евра благодарение на мудрата економска политика на Владата, благодарение на упорноста на владиниот кабинет се слеваат оваа година кон земјоделците. Субвенциите почнаа да се исплатуваат, почнаа од јануари и февруари месец. Согласно законот до последниот ден кога законски можат да се исплаќаат тие субвенции, ќе се слеат кон вредните земјоделци, бидејќи потребни им се. Сега завршува зимата, ќе треба да излезат и тие средства да ги употребат за набавка на репроматеријали, вештачки ѓубрива, третирање и така натаму. Сметам дека се добредојдени овие средства за земјоделците да можат да бидат уште попродуктивни во наредната година. Генерално константна е политиката на ВМРО-ДПМНЕ во однос на поддршката кон земјоделците и обезбедувањето на средствата во буџетот. И минатата и оваа година, како што ветивме во буџетот се обезбедуваат и се пласираат средствата кон земјоделците, вели Коњановски.

Коњановски тврди дека за субвенциите нема ни врски, ни протекции, ни нема ни неправедности. Парите, вели тој, завршуваат во џебовите на чесни, работливи и посветени македонски земјоделци.

-Јас најодговорно тврдам дека субвенциите завршуваат во вредните земјоделски џебови. Нас воопшто не не интересира дали некој земјоделец е од некоја политичка партија или од друга, дали е од една или од друга вероисповед. За нас едноставно земјоделците се најголемата партија од чесни, земјоделски раце кои работат, произведуваат храна, ја пласираат храната, го зголемуваат и подобруваат имиџот на Република Македонија како аграрна земја и така се однесуваме кон сите земјоделци. Честопати може да слушнеме во одредени дебати во собранието дека сме ги форсирале земјоделците од една политичка партија, а не добивале субвенции од друга политичка партија. Кон едни сме биле поинакви, кон други сме биле полоши. Ние водиме исправна политика, рамноправна политика, рамномерна политика. Секој оној кој е вреден, кој пријавува производство, ја работи земјата, без разлика каква е неговата ориентација си ги добива заслужените финансиски средства, кои  не се подарок, не се почит, туку се би рекол заслужен додаток кој Владата им го доделува на земјоделците, вели Коњановски во интервјуто.

23.02.2014 - 11:13
Фото: 
Sitel.com.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега