ВМРО-ДПМНЕ: Автопатот Миладиновци-Штип најзначаен проект во источна Македонија
Изградбата на автопатот Миладиновци - Штип е најголемиот, најкапиталниот и најзначајниот проект во источна Македонија, сметаат од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.
- Автопатот Миладиновци – Штип кој почна да се гради минатата недела е прв автопат што некогаш ќе биде изграден во источна Македонија. Значително е да се спомене дека според договорот кој што е потпишан со кинеската компанија Синохидро Корпорејшн Лимитед, која ќе го гради овој автопат, градежните работи кои ќе ги изведуваат македонските компании треба да биде 49 проценти, а вкупниот број на македонски градежни работници што ќе се ангажираат од страна на изведувачите и подизведувачите е најмалку 51 процент од вкупно ангажираните. Преку овој договор ќе се обезбеди продолжување на градежните компании од државата со работа, истакна денеска на прес-конференција, пратеникот Трајчо Димков.
Според партијата, автопатот ќе има големо економско значење за целиот источен регион, но и за целата држава.
- Со овој автопат ќе се овозможи брза комуникација и транспорт на производите од источна Македонија, подобрување на економската конкурентност, како и развој на туризмот во источниот дел на земјава. Исто така битно е да се спомене дека за стигнување од Штип до главниот град ќе бидат потребни само 30 минути што значително го намалува времетраењето за возење, посочи Димков.
Според него, доколку се споредуваат 2005 и 2013 година, може да се види дека капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто што, како што рече, докажува колку се работи на ова поле.
- Но, нема застанување. Во повеќе наврати и преку многу проекти во инфраструктурата ВМРО-ДПМНЕ покажа дека оваа сфера е една од приоритетните и сфера од која се очекува да ја подобри и забрза економијата во РепубликаМакедонија, рече Димков.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ, како сериозна партија ќе продолжи и натаму да излегува во пресрет на сите предизвици и да се зафаќа со големи и значајни проекти како автопатот Миладиновци-Штип, со што, како што истакна, ќе ги подобрува условите за живеење и инвестирање во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа