Владата ќе кофинансира отварање на продавници за вино
Владиниот потпарол, Александар Ѓорѓиев, денеска информираше дека со цел дополнителна поддршка на винскиот стопански сектор, зголемување на промоцијата на македонското вино произведено од 81 регистрирана винарија во нашата земја, зголемување на внатрешната потрошувачка на македонски вина, збогатување на туристичката понуда, но и поддршката на економскиот развој, условите за водење на бизнис и отворањето на нови работни места, Владата на Република Македонија започна со спроведување на проектот за отворање и работа на унифицирани и специјализирани продавници за вино.
- Сакаме да информираме дека од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е објавен јавен повик за доставување на барања за воспоставување и работа на овие унифицирани специјализирани продавници. Јавниот повик трае до 30 април 2014 година, а право да учествуваат имаат сите правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија. На овој јавен повик може да се аплицира за предвидената владина финансиска поддршка за отворање на 10 продавници за вино во следните градови: Скопје две продавници, а во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево по една продавница, информираше Ѓорѓиев на прес-конференција.
Финансиската поддршка на Владата ќе се однесува на покривање на следните трошоци за компаниите:
-Владата ќе покрие 50% од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.000.000 денари по единица продавница;
-Владата ќе покрие 50% од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 5 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница;
-Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од 5 години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по единица продавница.
За продавниците веќе претходно од страна на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство беше презентирано и идејното решение за тоа како треба да изгледа ентериерот на овие продавници. Сите продавници кои ќе бидат финансирани во рамки на овој проект е потребно да бидат со квадратура од 30 до 100 метри квадратни и да имаат изглед согласно презентираното идејно решение на ентериерот, а пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја на наведените градови.
Сите заинтересирани субјекти барањето за користење на средства заедно со листата на потребни документи, упатството за корисниците и мастер проектот со ентериерно решение и бренд идентитетот, може да ги подигнат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или од веб страната на агенцијата www.ipardpa.gov.mk. Документите за апликација треба да бидат поднесени до АФПЗРР заклучно со 30 април 2014 година, а во генерални рамки субјектите кои аплицираат треба да поднесат техничка спецификација за потребите, имотен лист доколку имаат објект во сопственост во кој ќе биде лоцирана продавницата, или договор за закуп на објект во кој ќе биде лоцирана продавницата за најмалку 3 години, да ги имаат платено давачките кон државата и да достават основен проект за изгледот на продавницата врз основа на идејното решение и мастер проектот кој е изготвен од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој стојат на располагање за секој субјект кој сака да добие дополнителни информации, совет за апликација или други детали од проектот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа