Директори на успешни странски компании ќе го прошират гласот за инвестициските можности во Македонија

 

Македонија нуди одлични услови за инвестирање во најразлични сектори. Ќе ги искористиме нашите деловни врски и мрежи да го пренесеме гласот за Македонија и да овозможиме што поуспешни директни инвестиции тука, порачаа менаџерите од познати странски компании по денешната средба со владиниот тим.

Менаџерите од САД и Велика Британија се членки на новоформираниот Интернационален совет на реномирани директори чија цел е овозможување директни контакти со одговорните во големите компании ширум светот, клучни при носењето одлуки за идните вложувања.

Советот го организира Кабинетот на министерот за странски инвестиции Бил Павлески.

- Идејата е што повеќе компании да влезат во земјава, да се вклучат особено во проектите на капиталните инвестиции со поголема додадена вредност и кои би вработиле повеќе луѓе со повисоки примања. Посебно значајни, освен автомобилската индустрија и производството на електронски делови, се и ИТ секторот, туризмот, услужните дејности, градежништвото,..., изјави Павлески по одржувањето на Советот во Владата.

На разговорите со странската бизнис делегација биле отворени повеќе прашања, како да се подобри економската состојба во Македонија и да се привлечат повеќе инвеститори, како странските компании да се поврзат со домашните добавувачи, како да зајакне стопанството,... Директорите од реномираните компании посочиле дека Македонија може да биде идеална локација за компаниите кои го шират производството, а планираат да ја напуштат Југоисточна Азија.

Советот се фокусирал и на фирмите кои сакаат да влезат на европскиот пазар.

- Директорите со исклучително големо искуство и реноме зад себе, беа воодушевени што во многу краток период Македонија направи толку многу добри бизнис реформи кои ја подобруваат климата за работење, но и им овозможуваат на странски компании да дојдат, посочи Павлески.

Како што изјави Сали Пејнтер, директор во „Блустар стратеџис“ од САД и член на новоформираниот Интернационален совет,  тимот менаџери сигурно ќе се врати повторно во Македонија особено по впечатоците за сработеното од страна на Владата што имаа можност да го видат изминативе два дена.

Менаџерите на странските фирми кои ја посетија Македонија досега воопшто не биле тука, ниту ги познавале условите за водење бизнис

МИА

02.03.2014 - 13:05
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега