Македонско-австриски бизнис форум во Скопје

 

Герхард Шлатл од Австриската амбасада во Скопје пред почетокот на бизнис форумот во Стопанската комора на Македонија на тема „Новите индустриски технологии во областа на животната средина“ на кој се претставија пет австриски компании HAFI Project & Technology GmbH, P-TECH Consulting, Obrist GmbH, Schiebel Antiebstechnik GmbH и A.S.A. International Environmental Services GmbH истакна дека деловната клима во Македонија е поволна, но добрите контакти и пред се поставувањето на еднакви услови за стопанисување како за македонските, така и за странските фирми би требало да бидат подобрени во иднина.

- Состојбите не се онакви какви што беа во 2006 и 2007 година пред доаѓањето на кризата, но сепак соработката тече. Австриските фирми кои веќе инвестирале овде очекуваат подобрување во 2014 година. Токму овој настан што го организираме денеска е во правец на изнаоѓање на дистрибутери, промотори и фирми кои ќе бидат партнери на австриските компании кои доаѓаат во Македонија, изјави Шлатл.

Тој посочи дека најголемите проблеми со кои се соочуваат австриските компании во Македонија се ликвидноста и моралот за плаќање.

- Најголем дел од австриските инвестиции во Македонија се во услужниот сектор и тоа во областа на телекомуникациите, енергетиката, осигурувањето, банкарскиот и финансискиот сектор. Австриските фирми меѓусебно си резменуваат информации и податоци во врска со можностите за инвестирање. Нашата цел е објективно да ги советуваме австриските инвеститори за да можат соодветно да одговорат на предизвиците. За тоа имаме отворена врата кај македонските служби и институции, рече Шлатл.

Софче Јовановска од Стопанската комора рече дека на Македонија и на регионот им е потребна соработка со јака економија каква што е австриската за да се пренесат искуствата и практиките и да се приближиме до европските регулативи.

- Можностите за имплементирање на нови технологи во областа на животната средина во Македонија се многу големи. Постои можност и за имплементирање најнови технологии и во областа на инфраструктурата, земјоделството, автомобилската и текстилната индустрија, како и во областа на туризмот. Иако Австрија се наоѓа на 14-тото место според трговската размена сепак постои простор за поинтензивна соработка, бидејќи е констатиран негативен трговски биланс од 20 милиони американски долари, рече Јовановска.

Инаку, размената во 2013 година меѓу  Македонија и Австрија изнесувала 175 милони долари.

04.03.2014 - 15:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега