„Танец“ ќе одржи концерт во Стокхолм - 20 години билатерални односи со Шведска

Репрезентот на македонскиот фолклор - Ансамблот за народни песни и игри „Танец“, утре ќе одржи концерт во Стокхолм, со кој ќе бидат одбележани 20 години од воспоставените билатерални односи меѓу Македонија и Шведска.

Настанот, на кој ќе присуствува и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе биде во концертната сала (Konserthuset), која е дом на Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, а позната во светот по годишните церемонии на доделување на нобеловите награди. Министерството за култура информираше дека влезниците за концертот се веќе распродадени.  

Покрај концертот на „Танец“, во 2013-та во Шведска ќе има и други содржини по овој повод, а меѓу нив, во втората половина од годинава, и претставување на богатото книжевно наследство на Македонија преку старите ракописи. 

Кралството Шведска е 20-та држава со која Република Македонија од своето осамостојување воспостави билатерални односи (20 декември 1993). Тие постојано се продлабочуваат, што се потврдува и со посетите на Шведска од членови на македонската Влада и на нејзиниот претседател Никола Груевски кој со тим министри минатата година имаше економска презентација во таа скандинавска земја. 

И во областа на културата Македонија се претставува преку гостувања на писатели, претстави, хорови...Овој месец во Стокхолм настапија ученици од музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, а секоја година Македонскиот сојуз во Шведска таму организира Денови на македонската поезија. 

Кај нас шведската  култура е најдоближена преку литературата и филмот - so делата на Стриндберг, Астрид Линдгрен, филмовите на Бергман. Двајца шведски поети се добитници на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата - Артур Лундквист во 1977 и Томас Транстромер во 2003, кој пред две години стана и нобеловец. 

Минатата година Македонија се вклучи во светското одбележување на 100 години од смртта Август Стриндберг и по тој повод неговата едночинка „Пеликанот“ првпат беше преведена од шведски на македонски, албански и на турски јазик и одиграна на 21. студентски театарски фестивал „Скомрахи“, кој тематски му беше посветен на големиот шведски драматург и зачетник на модерниот театар.

На „Охридско лето“, пак, лани гостуваше театарот „Интима“ од Стокхолм со најпознатата драма на Стриндберг „Госпоѓица Јулија“, која и во Македонија е често изведувана, а постановката на Турскиот театар од 2009-та во режија на Александар Поповски имаше и многу награди и гостувања на фестивали.

ФОТО: Хитпортал

најчитано сега