Лекарите децидни: Не ги читајте небулозите на интернет - сите деца мора да се вакцинираат

Децата треба да се вакцинираат, сите до едно, е ставот на лекарите. Информациите на интернет страниците и социјалните мрежи за наводните несакани последици од имунизацијата, лекарите ги оценуваат како небулози и кардинални бесмислици, кои ако родителите ги следат, само ќе се исплашат и ќе бидат доведени во заблуда.

- Во Македонија, откако вакцинираме до денес, нема потешка несакана реакција освен вообичаените, прикажани во упатството како очекувани, висока температура, болка на место на оток, ретки случаи со конвулзии, еден до два годишно, изјави д-р Јованка Костовска, национален координатор за имунизација на РМ во Светската здравствена организација (СЗО), по денешното советување на Медицинскиот факултет.

Експертите се децидни дека вакцините немаат никаква поврзаност со аутизмот, дијабетот, малигните заболувања,..., зашто сите состојки во нив се во форми кои воопшто не му сметаат на здравјето на децата. И вакцините со жива не се опасни бидејќи овој елемент се елиминира од организмот за три до четири часа и не прави никаква штета.

- Официјалните информации за влијанието на имунизацијата врз децата треба да се бараат од меѓународните агенции, СЗО, Центарот за заразни болести во Европа, Атлантна центарот за заразни болести во САД,... Треба да се слушаат и советите на здравствените работници како најкомпетентни да одговорат на овие прашања, напомена Костовска.

Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Кочо Чакаларовски вели дека не смее да се бега од вакцинацијата, а според него медиумите прават од конец, ортома. 

- Вреди ли да умрат 1.000 луѓе од бронхопнеумонија зашто 0,001 отсто ќе добиеле енцефалит? Воопшто, ова прашање е многу смешно. Најодговорно тврдам, никако бегање од вакцинацијата. Тоа значи заштита на населението од болести кои се искоренети токму благодарение на вакцинацијата. Ако ја укинете, ќе се вратат, ќе создадете опасна маса луѓе која може да биде жртва на увозна епидемија, посочи Чакаларовски.

Министерот за здрваство Никола Тодоров го искажа својот став од аспект на родител бидејќи, како што рече, не е стручен да кажува каков е ефектот на вакцинацијата.

- Јас сум родител и моите деца ги имам вакцинирано. И јас сум вакциниран. Не гледам зошто и децата на моите деца не треба да бидат вакцинирани, нагласи Тодоров.

Тој го оцени како погрешен чекорот на групата родители кои од Уставниот суд бараат да се укине задолжителната вакцинацијата кај децата.

15.03.2014 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега