Груевски: Продолжи реновирањето на болниците - Македонија ќе добие државна кардиохирургија

Со проектот за изградба на нов, современ клинички центар во Скопје и инвестирање во реновирањето и инфраструктурата на болниците е направен значаен исчекор во здравството во Македонија.

Ова го истакна  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за работата на македонската Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, за  2011-2014. 

Проектот ги опфати хируршките клиники во Скопје, Институтот за рендгенологија, Ургентниот центар, Клиниката за детски болести, Клиниката за хематологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за инфективни болести, Институтот за белодробни заболувања, Клиниката за психијатрија, Републичкиот завод за трансфузиологија, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Институтот за белодробни заболувања – Козле и Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир.

Довршени се започнатите инфраструктурни активности во болниците во Тетово, Струмица, Велес, Прилеп, Охрид, Куманово, Гевгелија, Гостивар, Кичево, Кочани, Специјалната болница Јасеново во Велес, Заводот за нефрологија во Струга, Психијатриската болница во Скопје „Бардовци” и Психијатриската болница Негорци. Реновирање на Клиничката болница Битола, Општите болници во Кичево, Струга и Гевгелија, Психијатриската болница Демир Хисар, Здравствениот дом Охрид и целосна реконструкција на Градската болница „8-ми Септември“ во Скопје. 

- За зголемување на квалитетот, ефикасноста и достапноста на Службата за итна медицинска помош, набавивме вкупно 70 нови санитетски возила за итна медицинска помош. Првпат по 50 години во Република Македонија, Владата на РМ ја основа првата државна кардиохирургија, со што се решава еден повеќедецениски проблем, а првата операција треба да се случи во наредниве две до четири недели.   Се започна со изградба на ПЕТ-Центарот и новиот Клинички центар во Скопје и активно продолжуваме со размена на кадри и добука на доктори, истакна денеска Груевски.

Груевски потсети и на проектот за набавка и ставање во употреба на најсовремена медицинска опрема, нови апарати за трите клинички болници во Тетово, Битола и Штип, инвестирање во реконструкција и санација на централните објекти на 34 здравствени домови од кои најголем број се постари од 50 години.

16.03.2014 - 14:55
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега