Полицајка од Скопје аплицирала за американска виза со фалсификувани документи

 

СВР Скопје – Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава и против 56-годишната С.Т.Џ. и 38-годишната И.Ј. од Скопје кои фалсификувале исправа и со лажни документи кои ги изработиле аплицирале за американска виза.

На 21-ви минатиот месец американската Амбасада во Скопје до СВР Скопје испратила известување во кое било наведено дека И.Ј. (полициски службеник-вработена во МВР), при поднесување документи за неемигрантска виза на 7 октомври минатата година употребила два фалсификувани документи и тоа „Сертификат“ и „Промет на девизна книшка“ на нејзино име, а издадени од „Комерцијална Банка“ АД Скопје.

 

Од извршените проверки и обезбедената документација утврдено е дека И.Ј. во два наврати, на 16 март и 21 октомври 2011 година аплицирала во Американската амбасада на САД во Македонија за неемигрантска виза врз основа на кои апликации и биле издадени визи, кои таа не ги искористила.

 

И.Ј. во октомври минатата година, сакајќи да аплицира по втор пат во Американската амбасада на САД во РМ  за добивање на виза, а знаејќи дека еден од условите кој треба да го исполнува бил да достави и документација издадена од банка со која треба да прикаже девизен прилив на средства на нејзина сметка, со посредство на лицето Б.К. од Скопје стапила во контакт со С.Т.Џ. и од неа побарала да и направи две лажни исправи „Сертификат“ и „Промет на девизна книшка“ на нејзино име бидејќи не го исполнувала тој услов.

 

Притоа, откако С.Т.Џ. ги направила лажните исправи (наводно издадени од „Комерцијална Банка“) во кои биле внесени невистинити податоци дека на сметка И.Ј. има прилив на средства во износ од 4.332.64 евра со состојба од 3 октомври 2013 година, И.Ј. која иако знаела дека се со невистинита содржина ги приложила со апликацијата  и со останатите документи во Американската амбасада во РМ.

 

Од превземените мерки и извршени проверки утврдено е дека наведените исправи на име на И.Ј. се со невистинита содржина, а истото е потврдено и во извршениот разговор со С.Т.Џ. при што при што по нејзиното признание дека е сторител на кривичното дело, известен е основен јавен обвинител и С.Т.Џ. е лишена од слобода. По наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Скопје 1 Скопје извршен е претрес во домот на С.Т.Џ. при што одземени се лап топ компјутер, ласерски печатар и персонален компјутер и истите се предадени во Оделот за криминалистичка техника при МВР на РМ за вештачење. 

 

За фалсификување на исправа и за употреба на исправа со невистинита содржнина се сомничат и С.Ч.(38) и Р.М. (32), и двајцата странски државјани од Тирана - Р.Албанија, за што полицијата им поднесе и кривични пријави.

 

Пријавените лица во текот на февруари годинава дошле во Македонија  со цел да извршуваат кривични дела, при што на непознат начин успеале да набават ПМВ Ауди А6 - караван без регистерски ознаки, како и една македонска  регистерска табличка (претходно пријавена како изгубена), која ја монтирале на предниот дел од ПМВ, а додека втората регистерска табличка со ист регистерски број ја изработиле и ја монтирале на задниот дел од предметното возило со цел да го управуваат во патниот сообраќај на град Скопје и пошироко.

 

Пријавените со албански лични документи, оствариле во повеќе наврати  влез-излез,  во и од  Република  Македонија.

 

На 6 март припадници на единицата „Алфи“ а на ЕПОИ - Алфа на улицата „Џон Кенеди“ во Скопје ги сопреле пријавените лица со возилото и поради тоа што  не поседувале соодветна документација за него, како и документи за идентификација за  пријавениот Р.М. алфите извршиле  преглед во возилото.

 

Притоа биле пронајдени две капи - фантомки, два пара ракавици плетени во црна боја, една гумена палка, метални лисици за врзување и леплива лента за врзување, по што и двете лица поради основано сомнение дека поседуваат предмети со кои би можеле да се извршени кривични дела биле приведени во Полициска станица  за понатамошна постапка.

Од страна на секторот за меѓународна полициска соработка извршени се проверки во базата за украдени возила  по што е добиено известување дека предметното возило Ауди А6 не евидира како украдено возило и не е предмет на потрага, а воедно и не евидентира во базата на регистрирани патнички моторни возила во Македонија. Истотака извршена е проверка за меѓународна потрага за пријавените при што е утврдено дека тие не се предмет на меѓународна потрага. Од страна на судија во претходна постапка на двете лица  им е одредена мерка притвор во траење од по осум дена.

23.03.2014 - 11:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега