Му се заканува доживотен затвор на монструмот кој го претепа тригодишното девојче до смрт
Доживотен затвор му се заканува на убиецот на тригодишното девојче од скопски Бит-Пазар, кое беше претепано со електричен кабел до смрт. Како што пишува Дневник, тригодишната Мевљана подолг период била малтретирана, и за жал, нејзиното кревко тело повеќе не можело да ја поднесе тортурата.
Неофицијално ова го покажала обдукцијата извршена врз телото на малото девојче. Лекарите утврдиле дека покрај новите повреди, крвавења и скршеници имало и постари повреди по телото, и дефинитивно со обдукцијата се покажало дека Мевљана не починала поради пад од скали, како што тврдеше нејзиниот убиец. Од повредите кои ги имала на телото се гледа дека била брутално тепана, подолг период, а не само дента кога починала.
- Случајот итно беше преземен, но се уште трае распитот на осомничените, па не можеме да дадеме одговор дали го признале делото, ниту кои се мотивите. Имаме одредени сознанија во врска со евентуално претходно насилничко однесување од осомничениот, но повеќе информации ќе имаме неделава, кога ќе стигне обдукцискиот протокол. Од тоа ќе знаеме дали на телото на девојчето има знаци и од постари повреди или повредите се нанесени во петокот, кога била усмртена - изјави обвинителката Гордана Гешковска за Дневник.
Џемаил се соочува со казна доживотен затвор ако на судење се докаже дека го убил девојчето. Од МВР објаснуваат дека поднеле кривична пријава за убиство од член 123 на Kривичниот закон, но дека понатаму зависи од Јавното обвинителство и нивната истрага дали ќе изврши преквалификација на делото.
Повеќе прочитајте на Дневник.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа