„Макфест“ од годинава под покровителство на Министерството за култура

Општина Штип ќе изврши ребаланс на буџетот, поради дополнителните 12 милиони денари, кои Министерството за култура треба да ги инвестира во Фестивалот за забавна музика „Макфест“, а кој токму од оваа година е под покровителство на Министерството.

Трајче Цветков раководител на Одделението за финансии во Општина Штип на денешната седница на Комисијата за финансии и буџет на Советот на Општината образложи дека измената е едноставна поради начинот на финансирањето на „Макфест“.

- Министерството за култура средствата ќе ги префрла на нашата сметка на буџетот, а потоа реализацијата и плаќањето ќе биде преку нашиот буџет. Затоа со оваа измена го зголемува вкупниот буџет за 12 милиони денари, вели Цветков.

Тој додава дека во штипскиот буџет ќе влезе и годишната рата за исплата на кредитот кон Светска банка, кој беше земен за реконструкција на Градскиот плоштад и изградба на платформи на реката Отиња. Годишната рата за овој кредит ќе изнесува 1.500.000 денари, а ќе се исплаќа до 2022 година, пренесе МИА.

Општина Штип во наредните десетина години за исплата на двата кредита кон Светска банка и кон Јапонска „Џајка“ за реконструкција на Филтер станицата треба вкупно на годишно ниво да исплаќа околу 3.500.000 денари.

26.03.2014 - 13:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега