ФЗОМ ги повикува невработените лица да се пререгистрираат - еве што ви е потребно

Согласно одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, предвидени се определени правила за лицата кои минатата година добиле здравствено осигурување на то­вар на Буџетот на Република Македонија за себе и своето семејство, врз основа на своите пониски примања и за лицата кои прв пат здрав­ствено ќе се осигуруваат.

Со цел да се обезбеди континуитет во здравственото осигурување за овие лица, почнуваjќи од 3. февруари годинава заклучно со 31 март 2014 година, ФЗОМ ги повикува сите лица кои согласно законот ги исполну­ваат условите, да дојдат да се регистрираат. Оваа обврска се однесува и за сите оние кои се регистрираа во 2013 година, да се пререгистрираат во соодветната подрачна служба на Фондот според местото на живеење.

Осигурениците кои треба да се регистрираат/пререгистрираат во подрачната служба на Фондот во Скопје, заради заштеда во време и пари кои ги губат патувајќи до центарот на градот каде е сместена Подрачната служба на ФЗОМ во Скопје, можат да се регистрираат/пререгистрират во задолжителното здравствено осигурување и во истурените шалтери на подрачната служба на ФЗОМ во Скопје сместени во поликлиниките на здравствен дом во Ѓорче Петров, Драчево, Чаир, Ченто, Шуто Оризари, како и во зградата на Општина Илинден.

ЗА ЛИЦА СО ПОНИСKИ ПРИМАЊА

1. Согласно законските измени осигурени лица кои стекнуваат право на здравствено осигурување на товар на Буџетот на Република Македонија се издвојуваат во две категории на осигурени лица :

I.     Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле при­ход кој не е поголем од 96.600,00 денари годишно,

II.    Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле при­ход кој е поголем од 96.600,00 денари годишно, но не поголем од 185.412,00 денари единствено во случај ако во последните два ме­сеца оствариле вкупен приход кој е помал од 16.100,00 денари.

НАПОМЕНА 1: Осигурениците од овие две категории, на назначените шал­тери во подрачните служби на Фондот ја пополнуваат ИЗЈАВАТА за остварени приходи во претходната година (Изјава член 5 став 1 точка 15 од Законот за здравственото осигурување за кои обврзник за плаќање на придонесот е Министерството за здравство), која е објавена на WEB страната на Фондот.

ЗА ЛИЦА СО ПОВИСОKИ ПРИМАЊА

2. Осигурените лица кои доброволно пристапуваат во задолжително здравствено осигурување согласно член 5 став 2 од Законот за здравствено осигурување се издвојуваат во две категории на осигу­рени лица:

 

I.     Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле при­ход поголем од 96.600,00 денари, но помал од 185.412,00 денари, ќе плаќаат придонес на основица 50% од просечната плата соглас­но закон (околу 1.128,00 денари).

II.    Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле при­ход поголем од 185.412,00 денари, придонес за здравствено осигу­рување ќе плаќаат на основица 100% од просечна плата соглас­но закон (околу 2.256,00 денари).

НАПОМЕНА 2: Осигурениците од овие категории на назначените шалтери­те во подрачните служби на Фондот ја пополнуваат ИЗЈАВАТА за остварени приходи во претходната година (Изјава член 5 став 2 од Законот за здравственото осигурување, каде обврзник за плаќање придонес е осигуреникот), која е објавена на WEB страната на Фондот.

НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

1. За лица кои за прв пат се пријавуваат во здравствено осигурува­ње

Државјаните на Република Македонија кои ЗА ПРВ ПАТ бараат здравстве­но осигурување, кон пријавата за задолжително здравствено осигурува­ње приложуваат:

 -      копија од извод од матична книга на родени за   децата, односно вен­чани за сопруг/сопруга;

 -     лично потпишана изјава за остварени приходи во  претходната година;

-     лична карта во копија, со согласност на подносителот на пријавата и

 -     здравствена легитимација за заверка (за носителот и членовите на семејството).

 

2. Лица кои ВЕЌЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ во здравствено осигурување по овие основи, доставуваат:

 а) АКО НЕ СЕ менува основот на осигурување (во 2013 година се оси­гурале во Фондот по овој основ и остануваат да бидат осигурани на товар на Буџетот на РМ и по новите правила за 2014 година):

-     лично потпишана изјава за остварени приходи во   претходната година;

-     здравствена легитимација  на увид.

б) ако врз основа на изјавата за остварените приходи во 2013 годи­на, СЕ МЕНУВА основот на осигурување (според член 5 став 1 точка 15 односно член 5 став 2 од Законот за здравствено осигурување):

-      пријава за здравствено осигурување образец ЗО-1

-      лично потпишана изјава за остварени приходи во претходната година;

-      здравствена легитимација за заверка (за осигуреникот и членовите осигурени преку него).

НАПОМЕНА 3: Со поднесување на горенаведените изјави за остваре­ни приходи осигурениците се кривично и материјално одговорни и за лажни податоци ќе одговараат пред надлежните  органи во Република Македонија.

Во износите наведени во изјавата спаѓаат приходите на сите члено­ви на едно семејство согласно Законот за здравствено осигурување (сопруг/а и деца до 18 односно 26 годишна возраст доколку се на ре­довно школување).

ЗО-1 образецот и образецот на изјавите за остварени приходи во претходната година според член 5 став 1 точка 15 и според член 5 став2  се објавени на WEB страната на Фондот www.fzo.org.mk или можат бесплатно да се подиг­нат на шалтерите на Фондот.

 ПРИХОДИ KОИ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ВМЕТНУВААТ ВО ИЗЈАВИТЕ ЗА ОСТВА­РЕНИ ПРИХОДИ:

1) награди што ги доделуваат меѓународните организации, награди за жи­вотни достигнувања во науката, културата и спортот, стипендии и кредити на ученици и студенти што ги доделуваат органите на државната управа и фондации во согласност со закон, награди на ученици и студенти за вре­ме на задолжителна практична работа и обука, награди на ученици и сту­денти освоени на натпревари во рамките на образовниот систем, награ­ди на спортисти за постигнати резултати на официјални меѓународни нат­превари и стипендии за спортисти;

 2) надоместок на лицата волонтери согласно со Законот за волонтерство;

3)детски додаток, посебен додаток за дете, еднократна парична помош за новороденче и родителски додаток;

4) надоместок во случај на смрт;

5) помош за претрпени штети од елементарни непогоди;

6) права на парична помош од социјална заштита утврдени согласно со Законот за социјална заштита;

7) надоместок за телесно оштетување;

8) надоместок на штета по основа на осигурување на живот и имотни оси­гурувања;

9) алиментации и надоместоци на штета по судска одлука и надоместок на штета како последица на несреќа при работа;

10) надоместоци по основ на невработеност, обука, преквалификација, доквалификација и практиканство на невработени лица.

 

ФЗОМ ги повикува лицата опфатенисо овој повик што поскоро да извршат регистрација/пререгистрација во задолжително здравствено осигурање.

Фондот преку својата инфо линија 080033222 и инфо mail info@fzo.org.mk стои на располагање за било какви прашања поврзани со овој Повик.

Пререгистрацијата ќе продолжи и после 31-ви март 2014 година, но во тој случај лицата ќе имаат прекин во здравственото осигурување (од 1-ви април 2014 година до моментот на нивната регистрација/ пререгистрација во Фондот).

28.03.2014 - 12:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега