Европскиот парламент ќе го разгледува напредокот на Македонија

Европскиот парламент (ЕП) утре попладне ќе ја разгледа, а на 23 мај ќе треба и да ја усвои резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2012 година.

Предложениот текст од страна на известувачот, британскиот европратеник Ричард Ховит е резултат на широкиот компромис постигнат во рамките на Комисијата за надворешни работи на 8 април 2013 година. Членовите на Комисијата со 39 гласа за и 13 против од вкупно 203 предложени амандмани, усвоија 20 компромисни и околу 50-тина други амандмани.

Текстот за кој ќе се расправа во среда, теоретски може да претрпи измени. Европратениците имаа можност да поднесат амнадмани до вчера вечер, но дали се поднесени засега не се знае, бидејќи таков документ нема на интернет страницата, ниту пак во дистрибуцијата на работните документи на ЕП.

Повеќе европратеници со кои МИА контактирала пред расправата, ни рекоа дека не треба да се очекуваат некои поголеми измени на текстот усвоен пред повеќе од еден месец од Комисијата, бидејќи тој е резултат на компромис на политичките групи на ЕП, кои водеа долги задкулисни преговори пред гласањето.

Во резолуцијата за која треба се изјасни ЕП, се повикува ирското претседателство со Советот на ЕУ да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори со Република Македонија пред крајот на јуни 2013 година што ќе дозволи почеток на преговорите пред јули.

Европратениците веруваат дека почетокот на преговорите може да ја "промени играта“ со обезбедување позитивен импулс и ефикасен инструмент за понатамошни реформи, подобрување на внатрешната ситуација, олеснување на меѓуетничкиот дијалог и промовирање на поволни односи со соседите.

Паралелно со расправата за напредокот на Македонија во 2012 година, во Стразбур се состанува и Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија. На состанокот македонските и европските пратеници, исто така ќе расправаат за евроинтеграциите на Македонија на двете работни сесии во среда попладне и четврток претпладне. 

МИА

најчитано сега