Скопските стечајци добија решенија за паричен надоместок
Првите 700 невработени лица од Скопје кои поради приватизацијата на претпријатијата во доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година останале без работа, денеска ги добија решенијата со кои стекнуваат право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок до нивно следно вработување или пензионирање.
Надоместокот ќе почне да се исплаќа од следната недела и ќе биде во износ од 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата по работник во Македонија за претходната година.
- Ова се првите, но не и последните решенија, бидејќи процесот на селекција и утврдување на постоење услови, односно исполнување на условите утврдени со законот, се уште трае. Во наредниот период ќе се изготвуваат дополнително уште многу позитивни решенија, рече раководителот на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Алексовска.
Таа објасни дека освен во Скопје, вакви решенија денеска се доделуваат и во сите останати 30 центри за вработување низ Македонија.
- Првите позитивни решенија се за 700. невработени лица во Скопје од ОХИС, Отитно поле, Македонски железници, Газела, Геоинститут, Емо, Топилница, Водостопанство, Нова Македонија, Металски завод Тито,.... Сите тие, благодарение на измената и дополнувањето на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради проватизацијата на претпријатијата со доминанта сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, донесени од Собранието на Република Македонија на 10 февруари 2014 година се стекнаа со право на материјално обезбедување кое веќе кон крајот на следната недела ќе почне да се исплаќа на нивните трансакциски сметки, рече Алексовска.
Таа потсети дека согласно Законот, право на материјално обезбедување може да добие невработено лице на кое му престанал работниот однос по однос на стечај, ликвидација или технолошки вишок заклучно со 31 декември 2004 година, а кое остварило право на паричен надоместок по 7 април 2000 година во претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
Заклучно со 21. март годинава, во центарот за вработување на град Скопје барање за стекнување право за материјално обезбедување поднеле над 4.000 лица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа