Нема простор за паника: Квалитетни и безбедни вакцини се користат во Македонија

Нивото на имунизација во Македонија е над 95 проценти, а за имунизацијата се користат квалитетни и безбедни вакцини, оценија здравствените работници надлежни во делот на имунизацијата пред почетокот на стручниот состанок организиран од Министерството за здравство во соработка со Здравствен дом Скопје, во пресрет на Европската недела на имунизација, која традиционално се одбележува во периодот од 22-26 април.

- За едни вакцини нивото е над 97,96 проценти, значи просечно е над 95 проценти, што е задоволувачко и охрабрени сме и задоволни со овој висок процент на опфат. Во поедини мали места има и понизок процент од 90 отсто. Точно е дека тие претставуваат опасност и гапови за невакцинираните, но и за дел од вакцинираните деца, и се трудиме и во тие места каде опфатот е 87 или 90 отсто да го зголемиме. За среќа, тие се навистна мали места. На ниво на држава опфатот е 95 отсто, рече Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство.

Според Александра Јовановска, професор на Факултетот за фармација, спроти Неделата на имунизација апсолутно е неопходно да се подвлече дека во Македонија се користат квалитетни и безбедни вакцини, кои се применуваат и во сите европски земји. Предуслов за ставање во промет на вакцина во Македонија, додаде, е дека таа мора да се применува во најмалку неколку земји од ЕУ.

- Во последните неколку години од кога се пријавуваат несаканите ефекти за лековите, немаме никакво појавување на некои изразено несакани ефекти. Се охрабруваат и родителите, кои со новите законски измени имаат право да го пријават се она што ќе го забележат како несакан ефект од вакцината тоа да го направат. Но, нашите податоци кажуваат дека во моментот во Македонија имаме квалитетни и безбедни вакцини, рече проф. Јовановска.   

Татјана Баевска Вучковиќ, директорката на Здравствен дом Скопје, кој е организатор на денешниот стручен собир, рече дека оваа здравствена установа вакцинира најголем број деца во државата. Во 2013 биле вакцинирани 55.000 деца и имаат висок опфат на вакцинација од 95 проценти.

- Тимовите успешно и ентузијастички работат како во делот на редовната вакцинација, така и на теренската вакцинација, која ги дава овие резултати, рече Баевска Вучковиќ.   

На состанокот присуствуваат координатори за имунизација и претставници од центрите за јавно здравје, претставници од Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен здравствен инспекторат, СЗО и други стручни лица од оваа област. Целта е, како што рече Костовска, размена на стручни искуства во областа на имунизацијата,  потенцирање на бенефитот од неа во државата, размена на искуства за нејзиниот опфат за минатата и претходните години, како и за вложување напори за што поголем опфат за следните години.

Традиционално мото на Европската недела на имунизација е „Заштити, спречи, вакцинирај“, а годинава е со посебен фокус на бенефитите од вакцинација за целото население.

Според Светската здравствена организација, околу три милиони лица годишно умираат од заболувања кои што може да се превенираат со вакцинација. Од нив, 1,5 милиони се деца до петгодишна возраст.

МИА

16.04.2014 - 14:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега