Епидемијата на морбили сеуште зема замав

Од прогласувањето на епидемија на морбили во Град Скопје до денеска откриени се 980 деца кои ја пропуштиле вакцината против оваа заразна болест. Од нив 915 се вакцинирани и со тоа се заштитени, изјави Татјана Баевска Вучковиќ, директорката на Здравствен дом Скопје.

- Од 24 март, кога се прогласи епидемија на морбили на територија на Град Скопје службите и превентивните тимови работеа на пронаоѓање на деца кои ја имаат пропуштено оваа вакцина. Патронажната служба беше пуштена на терен и забележавме 980 деца кои ја пропуштиле оваа вакцина. Еден дел се оние што треба да ја примат како примо-вакцина на 13 месеци, а останатите се како ревакцина. Од 980 кои се откриени 915 деца се вакцинирани. Тоа значи дека свеста на родителите проработува бидејќи секогаш апелираме за она што може да се спречи, да не го лекуваме. Навистина имаме одличен одѕив и голем дел од овие деца се веќе заштитени со оваа мерка, рече Баевска Вучковиќ.

Др. Лилјана Лазаревска од Центарот за јавно здравје информира дека од 6 јануари до денес пријавени се и регистрирани околу 77 случаи на морбили.

- Само во последните пет дена регистрирани се 13 нови случаи, од кои девет се на возраст од 20-48 години, а четири се деца до шестгодишна возраст и потекнуваат од девет различни општини. Десет од новооткриените случаи се хоспитализирани. Во однос на вакциналниот статус станува збор за претежно невакцинирани лица и лица кои не подлежат на вакцинација, рече Лазаревска.

Се надеваме дека епидемијата ќе се намали, но апелираме до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што од сите заболени само осум имаат  примено само една доза вакцина. Тоа се претежно возрасни лица, а познато е дека една доза на вакцина не штити и потребни се две дози. Меѓутоа, интересот кај возрасните е многу мал. Во Центарот за јавно здравје досега се јавиле само осум контаткти од возрасните кои не биле вакцинирани, рече Лазаревска. 

16.04.2014 - 15:22
Фото: 
Канал5

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега