Еве каде вее снег низ Македонија во моментов

Снегот што од синоќа паѓа во поголемиот дел од западна Македонија формира покривка која на повискоите места достигна и до 40 сантимети.

Снегот се задржува на коловизите што го отежнува патниот сообраќај особено на планинските превои.

Забрана за тешки товарни возила е воведена од изутрината на Ѓавато, на патниот правец Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар-планински превој Стража-Кичево и Струга-граничен премин Ќафасан.

Иако интервенираат екипи на ЈП „Македонија пат“, коловизите се влажни и со остатоци од кашест снег поради што се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Галичица од месноста Корита до зимскиот центар Отешево е отворен за сообраќај. На овој патен правец, од клучката Трпејца до зимскиот центар Отешево во двата правца, дозволен е сообраќај само за патнички возила и минибуси со вкупна маса до 3,5 тони.

Зимски амбиент денеска и во Охрид, каде во текот на ноќта и целото утро постојано паѓа снег, повремено со зголемен интензитет.

Во градот снегот не се задржува, меѓутоа снежна покривка и до 15 сантиметри е забележана во околните села и на повисоките места.

Снежните врнежи се добредојдени за подобрување на вкупната хидролошка состојба и зголемување на нивото на Охридското Езеро, како и на пролетните посеви.

Доколку ваквото време потрае и се задржи снежната покривка на планинските превои, каде сообраќајот се одвива отежнато и во зимски услови, тоа секако неповолно ќе влијае врз бројот гости во Охрид за престојните Велегденски празници, кога македонскиот најголем туристички центар, вообичаено бележи солидна посетеност, пред се, со домашни гости, но, и од соседните земји.

16.04.2014 - 21:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега