Пешевски на средба со стопанственици од Маврово-Ростуше

 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска оствари средба со стопанственици од Маврово и Ростуше на која разговараше за условите за водење бизнис и за можностите за подобрување на бизнис климата.

Стопанствениците изразија задоволство од досегашната соработка со Владата и локалната самоуправа и ги поздравија мерките и чекорите што во оваа насока се преземени во изминатиот период. 

- Денешната средба претставува мал дел од севкупните активности кои Владата ги спроведува за одржување непречена комуникација и континуиран дијалог со бизнис заедницата. Владата е особено фокусирана на олеснување на условите за делување на стопанствениците. Директните средби од овој тип се особено важни за нас, со цел да ги слушнеме нивните сугестии и предлози, но во исто време и имаат за цел да им овозможат на претставниците на компаниите директно и детално да се запознаат со плановите и стратегиите на Владата поврзани за унапредување на бизнис климата, изјави Пешевски.

Тој додаде дека стопанствениците се заинтересирани да продолжат политиките за развој на приватниот сектор. 

- Тоа секако ја вклучува и досегашната поволна даночна политика на државата која овозможува реализација на развојните планови и инвестиции од страна на компаниите. Нивните сугестии директно влијаат во креирањето на економските политики во земјава, рече Пешевски.

На средбата вицепремиерот Пешевски се запозна со предизвиците со кои се соочуваат компаниите од овој регион, како и со сугестиите за нивно надминување. Притоа, им ги посочи и можностите што ги нуди Владата преку програмата за покривање на трошоците за ангажирање менаџери со специфични знаења.

- Ова претставува дополнителен стимул за унапредување на веќе постоечките компании, што е од особена важност за нас како Влада, земајќи предвид дека повеќето од стопанствениците кои беа присутни денес на средбата се повратници од странство, кои имаат желба и понатаму да инвестираат во сопствената земја. Наша должност е да им го олесниме тој процес, нагласи Пешевски.

Денешната средба е дел од активностите што Владата ги спроведува за одржување непречена комуникација со бизнис заедницата. На неа присуствуваше и градоначалникот Мукрем Мехмеди.

22.04.2014 - 19:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега