ВМРО-ДПМНЕ го опомена Ахмети: Името и идентитетот на Македонците немаат цена
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните изјави на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во кои тој потенцира дека е потребно да се реши спорот со името што е можно побрзо за Македонија да влезе во НАТО.
„Забележуваме дека во последните денови г-динот Али Ахмети во неколку наврати јавно го потенцира значењето на побрзото решавање на спорот за името, кое би овозможило членство во НАТО, како процес, кој како што наведува тој, е од големо геополитичко и геостратешко значење.
Со ова соопштение би сакале да му обрнеме внимание на г-дин Али Ахмети дека, иако се согласуваме за важноста од побрзото зачленување на Република Македонија во НАТО, сепак треба да потсетиме дека за македонскиот народ подеднакво е важно задржување на идентитетот, изразен или поврзан со јазикот, националноста и името на земјата.“ - стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Ахмети треба да знае дека македонската борба за идентитетот трае 170 години и дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да потклекне под како што велат, диктатите на Атина.
„ Г-дин Али Ахмети добро знае или би требало да знае дека борбата на Македонскиот народ за сопствениот идентитет, државност и самостојност, како и проблемите кои Грција ги прави по ова прашање датираат уште од пред повеќе од 170 години, поминувајќи повеќе премрежја , етапи, притисоци, крвопролевања, уништувања, прогони, присилни раселувања, нарушувања на човековите права и обид за уништување, односно бришење на македонската нација. Овие обиди продолжија и во последниве 23 години откако Република Македонија доби самостојност како држава. Во тие обиди кои постоеа многу долго пред НАТО да се основа, македонскиот народ даде голема жртва и со загубени животи и со многу маки и малтретирања на Македонците. А и самата земја во овие дваесет и три години издржа многу удари и шокови, од типот на ембарга , блокади и слично.
Ние во ВМРО-ДПМНЕ не планираме по толку многу години борба да се предадеме прифаќајќи уцени и диктати од страна на Грција, ниту закани од било каков вид и од било кого. Нашата борба за македонското прашање е неотповиклива , неприкосновена и безалтернативна и нема цена која ќе не натера да отстапиме од тоа.
Во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ во врвот на своите приоритети го има зацртано зачленувањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ, но само под услов тоа да биде паралелно со задржувањето на идентитетот изразен преку формите наведени погоре и со компромис кој не го загрозува тоа и го одобруваат мнозинството на граѓани на Република Македонија и македонскиот народ.
Г-дин Али Ахмети вели дека сега е време, ние велиме дека секогаш е време, но не по цена на македонскиот идентитет“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ