Томислав Коцевски: Демагогија за демократија

И би избори.

Тоа е процес, онака демократски. Тоа е моментот кога секој гласач во своја рака(пред да му го измачкаат прстот) ја има одлуката, изборот, власта.

Ако ја има добро, а ако ја нема треба некој, да му помогне, да го убеди, да му ја изнедри. Ете затоа се сите на нозе.

И позиција и опозиција, а и другите, сеирџиите, паметните. Демократија.

Медиумите, нели, и тие во функција на демократскиот амбиент, на гледачите, на народот, заради нивната одлука, и тие да помогнат. Ама народот поделен па поделени и тие. Поделена и демократијата.

Па се изнаредија да анализираат кое какви демократски аналитичари и се изанализираа до сто и една. Кој од лево кој од десно, кој од средина, кој од страна. Сите имаат свои гледишта за состојбите со државата, со општеството, со демократијата, со слободите, со реалниот живот, со нереалниот. Се демократски.

Партиите настапија со подготвени (од некого) понуди, демократски програми од по дватриста страници, со дветри илјади проекти, кои ни тие не ги прочитале а камо ли народот.

Кандидатите за претседател, иста приказна, едниот, оној кој демократски си беше претседател минативе пет години и кој вели дека ги водел процесите во демократска насока за интеграција со светската демократија, и другиот, оној кој мислеше дека демократски ќе го изберат за да не поведе во друга демократска насока кон светската демократија.

Па молкови, демократски. Па набљудувачи, супервизори на демократијата. Демократски извештаи од овој оној, па признавам, не признавам, па да видиме што ќе рече меѓународната заедница… арно ама сето тоа било демократија, и сите случувања биле демократски, така барем сите тврдат. И позиција за своите ставови и опозиција за своите ставови, а и странциве не се ништо поразлични. Има и такви кои се за консенсуална демократија колку и да се во конфликт самите флоскули со пораката што ја носат поединечно.

Сето тоа било во функција на понатамошна демократизација на демократските процеси гарантирани со уставно пропишаната демократија.

Абе луѓе да не не сум јас одовде.

Колку уставна демагогија треба да се излее пред нашиве нозе и какво е тоа непрепознавање на суштината на измамата

Ова се стихови на некогаш авангардниот Бранимир Џони Штулиќ создадени во едно недемократско време и во едно недемократско општество, за таканаречената црвена демократија, ама веројатно се интересни и сега, зошто  промените се прават навидум во општествата, во партиите, во економијата, во поредокот, но всушност нема промена  ако таа не се случи во главите на луѓето. Во нивното поимање на работите, во интелектуалната вселена, во свеста на поединецот како учесник или предводник на групата, па потоа во општеството. Инаку другото е сеење магла, демагогија.

Е сега, да бидеме искрени, зборовите демагогија и демократија се блиску фонетски, ама суштински се различни.

Тоа кај нас не е баш така па некој или некои ги мешаат, што од незнаење што намерно. Инаку кај нас во огромни количини се употребува поимот демократија, и кај што треба и кај што не треба, а овој другиот, демагогија, помалку.

Некако ќе му дојде како понуда со празна суштина.

А, кај нас, како по правило, не е толку битна суштината.

Дури и тоа не е важно, важно е дека сите ние, ама баш сите, сме нон стоп во потрага по таа пуста демократија што и да е тоа.

Па нели, бре, се демократизиравме таму некаде пред дваесетина и повеќе години. Па нели ни проповедаа дека со демократијата ќе дојде мир, слобода, убав живот.

Ама не било така… Откако се спомна таа пуста демократија се некако сум под стрес, те за работава, те за државава, те за штедни влогови, те за школување на децава, те за вработување, те за име, те за знаме, те за ноќен живот, те за дневна шема, па ја поминавме и уличната демократија на едните и на другите.

Оние третите, донесоа демократија од шумите, со пушки, ама и тоа се важи.

Така рекоа големите демократи однадвор.

Последната силна демократија беше онаа лани, во Собранието. Едниве сакаа демократски да го изгласаат буџетот, а другиве демократски ги спречуваа. После овие демократски ги исфрлија, а другиве демократски почнаа да протестираат, со затворање сообраќај, со малтретирање граѓани, со говори од ладата пред медиумските куќи и така. Па после нели поголемите демократи од лидерот на улучните демократи го убедија дека не е тоа демократија, па му ја запоседнаа фотељата, и тргнаа со нови демократски методи да ја освојуваат власта. Арно ама овие мангупиве од власта изгледа имаат подобра, посилна  демократија, па не ја даваат власта и ја чуваат нели со демократски методи од овие што сакаат да им ја земат со демократски методи какви и да се.

Последниве избори ги договорија демократски. Го сменија демократскиот изборен закон со нов, подемократски. Го воведоа демократското обележување на гласачите со фломастер кој ви ја гарантира демократијата барем месец дена. Ама избориве, едниве демократски ги признаваат, а другиве демократски не ги признаваат. Мандатите на избраните некои ги прифаќаат некои не. И тоа било демократски, напредно.

Тука улетува надворешниот фактор со силни демократски пораки за демократско оснесување на демократски избраните шефови на партии, да седнат и демократски да ги решет несогласувањата, зошто државата треба да има демократски избрани институции.

Еј, абе да не претерав и јас со ова демократија, демократски, а ….туку знаеш што, време е за ручек, а јас не сум веќе гладен се заситив.

Е тука лежел зајакот.

Гладните ќе си останат гладни…за демократија, а тие што најмногу ја експлоатираат демократијата, тие си се сите сити, зошто таа им е како месо за ручек, а постовите поминаа, нели?

Томислав Коцевски

02.05.2014 - 12:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега