Од 1 јули по 8.400 денари за сите вработени во приватните фирми

 

На над 300.000 работници вработени во приватните компании во земјава од 1 јули, па до крајот на годинава ќе треба да им легне на трансакциска сметка регресот за годишен одмор или популарно наречениот K-15 во износ од најмалку 8.400 денари. Некои од нив, главно вработени во побогати компании, веќе сега го добија надоместокот, со оглед дека сезоната на годишни одмори почнува од јуни, и тоа во поголем износ од утврдениот минимален, пишува Дневник.

denari-paricnik-548x320

Трошок за компаниите

Kако што се договорија на крајот на минатата година, Организацијата на работодавци и Сојузот на синдикатите на Македонијаизносот треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата во земјава. Ова е минимален износ, а дадено е правото работодавците да исплатат и поголем износ ако тоа го дозволува финансиската кондиција на компанијата. Ова право се вгради во последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои стапија во сила од 1 јануари годинава, а имаат важност од две години. Според нив, надомест ќе може да земат само оние лица што работат кај ист работодавец најмалку 6 месеци во една календарска година.

Работодавците велат дека ќе исплатуваат бидејќи законски се обврзани да го направат тоа, но дел од нив негодуваат бидејќи им се наметна нов трошок.

- Ова што го договорија Синдикатот и Организацијата на работодавци на Македонија воопшто не е добредојдена мерка и претставува непланиран трошок за компаниите. Овој договор не е постигнат со целото стопанство и сметам дека не е начин на кој треба да се изрази и награди задоволството на работодавецот од работниците. Според мене, начинот на наградување на работниците требаше да се остави на слободната волја на компаниите, исто како и бонусите, 13. плата, платените доедукации и обуки на вработените. Имаме реакции од компании што не се согласуваат со оваа награда која стана законска обврска. Тие сакаат по слободна волја да одлучат како и кога ќе ги наградат своите вработени. Сепак, тие најмалку 40 отсто од просечната плата во земјава се непредвиден трошок за компаниите кој не е влезен во бизнис-плановите за годинава, смета Миле Бошков од Бизнис-асоцијацијата на Македонија.

Од Сојузот на стопанските комори, пак, велат дека нема никакви реакции од компаниите бидејќи тоа е законска обврска, но и тие сметат дека е трошок за компаниите.

-Тоа ќе ги оптовари фирмите од трошковна страна, но ќе се приспособат. Нема никакви реакции, сепак подобра беше варијанта оваа награда за вработените да се оставеше на слободната волја на работодавците, односно тие компании кои се финансиски способни да исплаќаат, а тие што не можат, да не исплаќаат. Иако и претходно регресот за годишен одмор не беше законска обврска, сепак некои компании го исплаќаа. Ова само ќе ги зголеми трошоците на работењето и ќе ја намали конкурентноста на фирмите, вели Мирче Чекреџи од Сојузот на стопанските комори.

Работниците скептици

Во Организацијата на работодавци (ОРМ) се децидни дека овој регрес кој беше законска обврска и претходно, но не беше дефинирана сумата, е договаран цела мината година и е донесен на најтранспарентен начин.

- Обврската за исплата на регресот си постоеше и претходно, но висината се доуредува со општ колективен договор, а него, пак, може да го договараат само легитимни партнери, а тоа се ССМ и ОПМ. Целото наше членство е известено и целата постапка беше транспарентна и легитимна и во согласност со барањата на работодавците. Ние дури успеавме да договориме со синдикатот другиот регрес, новогодишниот да не биде законска обврска, туку да се исплаќа по желба и според можностите на работодавците во одделните гранки. Регресот не е плата и на него не се плаќаат придонеси, туку само персонален данок од 10 отсто. Тоа не е кој знае колкав товар за работодавците кои се грижат за своите вработени. Некому ќе му се допаѓа, некому не, особено не на оние што не го разбираат социјалниот дијалог, кои не се наши членки – вели Белинда Николовска, извршен директор на ОРМ.

Работниците кои ги прашавме се задоволни од ваквата новост, од тоа што по подолга пауза се враќа во практиката ваквото работничко право.

- Секако дека тие пари добро ќе им дојдат на сите работници, но скептик сум дека секој работодавец ќе ги исплати. Особено сега кога компаниите го стискаат секој денар. Но сметам дека тоа е заслужена награда за секој работник бидејќи работниците во земјава си го одработеле секој денар – вели Марјан од Скопје, вработен во приватна компанија.

Инаку, законската обврска за регрес за одмор беше укината уште во 2005 година и покрај напорите, досега стоеше само како право на работниците, без утврдена конкретна сума, но во најголем дел од компаниите не се исплаќаше.

За неисплатен K-15 на суд

Работникот чиј газда нема да му исплати K-15 ќе мора правдата да ја бара на суд. Законот за работните односи предвидува дека тој може со тужба пред надлежниот суд да бара заштита на правата од колективниот договор, но ако претходно со помош на арбитражата од страна на синдикатот, а и со трудова инспекција не се успее да се натера газдата да ги почитува законските одредби.

Првиот човек на ССМ Живко Митревски вели дека ако дојде до непочитување на ова право, работникот треба да пријави во синдикатот и во Државниот инспекторат за труд.

- Ние ќе ги преземеме сите мерки. Во согласност со Законот за работните односи предвидени се казни за работодавците за непочитување на право од колективен договор – вели Митревски.

Општиот колективен договор за стопанството вели дека кога работникот поднел барање до работодавецот за отстранување на прекршувањето на некое негово право утврдено со закон, колективен договор и договор за вработување или за остварување на истото, работодавецот е должен да соработува со синдикалните претставници за спогодбено решавање на настанатиот спор. Работникот има право да присуствува во постапката пред органот кој одлучува за поднесеното барање во втор степен и притоа да биде застапуван од Синдикатот.

Се преговара и за K-15 за администрацијата

Регресот за годишен одмор за државната администрација допрва ќе се договара меѓу социјалните партнери Синдикатот и Владата. Поради изборите преговорите за Kолективниот договор за јавниот сектор биле прекинати, но се очекува наскоро да се усогласат сите отворени прашања, меѓу кое е и ова право на вработените во јавниот сектор.

- Kолективниот договор за јавниот сектор с` уште не е донесен. Беа прекинати преговорите бидејќи за време на избори не може ниту да се преговара ниту да се потпишува. Kога ќе се формира новата влада, ќе продолжат и преговорите. Можам да кажам дека 90 отсто од прашањата се веќе усогласени и дека наскоро ќе продлжат разговорите, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски.

 Дневник

10.05.2014 - 20:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега