Автобусот поминал на спуштени рампи - нови детали за несреќата на патот Штип-Велес
Најмалку 32 лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа се случи утрото околу 7 часот и 10 минути меѓу шинобус-воз и автобус на „Струмица експрес“ во близина на бензинската „Мики петрол“ на патот Штип-Велес.Директорот на Клиничката болница во Штип Александар Стојановски информира дека 16 лица патници од автобусот се донесени во болницата, и сите се во стабилна состојба.
- Сите 16 лица се во стабилна состојба, а 11 моментално се на хирургија. Еден поради повреда на рбетот е испратен во Скопје, изјави Стојановски.
Уште 16 повредени во сообраќајната несреќа се пренесени во велешката болница. Како што информираат од болницата во Велес, тројца со потешки телесни повреди се испратени во Скопје. Од нив, еден е неконтактибилен, а другите се со повреда на кичмата и ребрата. Двајца се пуштени на домашно лекување, а останатите се на хирургија и им се спроведуваат прегледи. Меѓу повредените, нагласуваат, е и една бремена жена која е во добра состојба.
Оливер Дерковски директор „Македонски железници“ информира дека е констатирано оти сигналните уреди на железницата се во ред односно функционирале.
- Прибраноста во овој случај на нашиот пресонал довело да се избегнат посериозни последици. Останува да видиме како органите кои водат постапката ќе ја завршат, ќе чекаме да го добиеме извшетајот па понатаму ќе видиме што ќе преземиме, изјави Дерковски.
На новинарско прашање кои се првичните сознанија за тоа како дошло до несреќата, Дерковски посочи дека првичните индиции говорат оти возачот на автобусот поминал на спуштени рампи, на обезбеден премин железнички.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа