Вечерва започнува Филмскиот фестивал во Кан

 

Вечерва почнува Филмскиот фестивал во Кан, за Златната палма  оваа година ќе се натпреваруваат 18 филмови на афирмирани режисери.

Фестивалот почнува со премиерата на остварувањето „Грејс од Монако“, долгоочекуваниот биографски филм за холивудската дива Грејс Кели, која се омажи за принцот Рене од Монако и загина во сообраќајна несреќа во 1982 година, а која ја игра Никол Кидман. Филмот веќе предизвика контроверзии, бидејќи режисерот Оливије Дан се судри со децата на славната глумица и принцеза од Монако, кои трејлерот за филмот го нарекоа „фарса“, а Дан го обвинија дека ја киднапирал“ нивната семејна историја од комерцијални причини.

Во трката за Златката палма се 18 остварувања, меѓу кои и новите дела на легендарните режисери Жан Лик Годар, Мајк Ли, Кен Лоуч, Дејвид Кроненберг, браќата Дарден, а за најдобриот ќе одлучи жирито предводено од новозеландската режисерка Џејн Кампион. Таа е единствената жена која освоила Златна палма и тоа во 1993 година за филмот „Клавир“.

Во селекцијата Извесен поглед ќе бидат прикажани уште 20 филмови, меѓу кои и дебитанското остварување на Рајан Гослинг „Lost River“. Предвидена е и проекција на десетици филмови во Неделата на критиката, Две недели за режисерите и другите секции. Програмата Филмски класици ќе потсети на ремек делата во светската кинематографија, а меѓу другите ќе бидат прикажани и филмовите „Париз-Тексас“ на Вим Вендерс, кој оваа година го слави 30-тиот роденден, „За грст долари“ на Серџо Леоне и „Последно метро“ на Франсоа Трифо.

Кан секогаш нуди за секого по нешто, па така оваа година ќе биде и светската премиера на филмот „Како да го тренираш својот змеј 2“, анимиран блокбастер, додека обожавателите на хоророт ќе можат да ја видат обновената верзија на култниот хорор класик од 1974 година „Тексашки масакр со моторна пила“.

На годинешниот „Кански фестивал“ во рамките на маркетот во програмата насловена „Producers on the Move“ е селектиран продуцентот Огнен Антов. Тоа е платформа која веќе 15 години ја организира „Европската филмска промоција“. Оваа платформа вклучува работилници, средби и различни можности за размена на искуства и следење дискусии за идните проекти. Годинава во оваа програма се селектирани 24 продуценти, а Огнен Антов влезе во програмата со филмот „Споменикот на Мајкл Џексон“ на предлог на македонската Агенција за филм.

Инаку, исто така на маркетот, ќе бидат одржани и две проекции на новите македонски филмови и на 20 мај ќе бидат прикажани „До балчак - Приказна од Дивиот Исток“ на Столе Попов и „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески.

14.05.2014 - 13:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега