Српската Влада ја укина вонредната состојба

Српската Влада денеска донесе одлука да ја укине вонредната состоба во земјата.

Одлуката е донесена на владина седница, на која по предлог на српскиот премиер Александар Вучиќ е решено да се подготви посебен извештај за мерките преземени за време на поплавите, кој ќе биде доставен до Собранието на Србија и презентиран пред граѓаните.

Претходно, претседателот на српскиот Црвен крст, Драган Радановиќ соопшти дека според најновите податоци, како исчезнати за време на поплавите на Србија се водат 73 лица.

Тој информираше дека досега се евакуирани околу 34.000 лица кои се сместени во 140 прифатни центри ширум земјата, како и кај свои роднини и пријатели.

Началникот на Секторот за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи, Предраг Мариќ соопшти дека состојбата со поплавите во Србија во моментот е стабилна, но дека и во следните четири дена ќе продолжи следењето на ситуацијата со нивото на водостојот во реките.

Во Белград ситуацијата на Сава и Дунав е стабилна во очекување на пораст на водостојот во текот на денов. На Дунав состојбата е под целосна контрола. Водостојот кај Бездан е под границата на редовната одбрана, а во Унгарија е во натамошен пад.

Ситуацијата во поплавените места во Срем се смирува, но сепак околностите не се безбедни за враќање на евакуираните граѓани.

На подрачјата погодени од поплавите досега се пронајдени 27 жртви, од кои најмалку десет или 11 починале од природна смрт. Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека обновата на земјата ќе се одвива во четири фази, а оти од донаторите се очекува една четвртина од потребните пари.

Паралелно со санирањето на последиците од поплавите, во Србија се преземаат и напори за спасување и пронаоѓање на исчезнатите домашни миленичиња. За таа цел е изработена посебна интернет страница во која сопствениците на можат да испратат информации за нивните исчезнати домашни миленици или да добијат сознанија за пронајдени животни.

Формирана е и посебна мрежа на доброволци кои се задолжени за спасување и хранење на овие животни.

- Луѓето ни се обраќаат и ни кажуваат каде се наоѓа некое милениче и ние одиме таму, изјави 27-годишниот доброволец Иван Мунитлак, кој е дел од тимот што се грижи за помош на исчезнатите домашни миленичиња.

23.05.2014 - 15:21
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега