Светска Банка: Југоисточна Европа полека излегува од рецесија - Македонија имаше најсилен раст

 

Економиите во Југоисточна Европа полека закрепнуваат од рецесијата. Изгледите за раст се позитивни, со присутни ризици. Македонија годинава  ќе има раст на БДП од 3 проценти, а следната од 3,5 проценти. За негово одржување на долгорочен план е неопходно зајакнување на структурните реформи и на извозниот сектор. Тоа го наведува Светската банка во редовниот полугодишен економски извештај за Југоисточна Европа, што беше презентиран денеска.

Според Доерти Доемеланд, економист од канцеларијата на СБ во Скопје,  растот на Македонија во споредба со останатите земји во регионот е доста силен.

- Во првата половина на 2013 година Македонија имаше најсилен раст и заврши со втората највисока  стапка на раст. Најголем двигател на растот  беше закрепнувањето на индустриите,  во комбинација со тоа дека  имаше доста добра земјоделска година. За во иднина проектираме  доста силен раст во 2014 година, меѓутоа зајакнувањето на структурните реформи би било важно за да се одржи долгорочниот раст. Структурните реформи може да бидат поврзани со зајакнување на извозниот сектор бидејќи ова ќе биде  клучниот двигател на растот во иднина, рече  Доемеланд, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на извештајот.

Таа укажа на потребата од зајакнување на врските помеѓу извозниот  сектор и домашната економија преку подобрување на деловното опкружување, како и ублажување на недостатоците на вештини на пазарот на трудот. - Фирмите имаат потешкотии  да најдат луѓе со соодветни вештини на пазарот на трудот. Значи, овој недостаток би требало да се ублажи  за да се одржи растот, посочи Доемеланд. 

Невработеноста кај младите,  како што посочи, е проблем со кој се соочуваат и голем број земји во ЕУ. - Решенија се структурните реформи, како подобрување на деловната  клима за да се зајакне побарувачката и да се понудат стимулации  за фирмите, да се зголеми побарувачката за работна сила и да се ангажираат  работници. Исто така, во иднина да се инвестира во вистинскиот вид образование, со цел младите да поседуваат вештини кои им се потребни на фирмите, наведе  Доемеланд.

Како ризиците ги наведе ослабувањето на побарувачката од Европската унија поради тамошното закрепнување, а растот ќе може да го забават и повисоките  цени на нафтата. 

- Главниот двигател на ризиците во иднина во 2014 е помал раст во  еврозоната од проектираниот, рече Доемеланд.  

Извештајот на СБ за регионот на ЈИЕ предвидува раст од 1,9 проценти годинава и 2,6  проценти следната година, благодарение на растечката надворешна побарувачка.  На таквите изгледи, според СБ, ќе имаат влијание  значителни ризици, вклучително очекуваното влијание на неодамнешните поплави во регионот.

Според СБ, и покрај закрепнувањето, предизвиците остануваат и потребна е акција во финансиските и фискалните сектори.

- Прилагодување на високите и се уште растечки нефункционални кредити, повторно почнување на кредитниот раст за одржливи корпоративни кредити, продолжени напори за одлучувачка консолидација за повторно воспоставување фискален баланс и намалување на јавниот долг, би помогнале во стимулирање на економската активност.  За да се одржи растот во регионот, земјите треба и понатаму да ги зајакнуваат нивните домашни макроекономски перформанси и политики, кои ја поттикнуваат продуктивноста и еластичноста кон надворешни превирања, се наведува во полугодишниот извештај на СБ за регионот на Југоситочна Европа. 

26.05.2014 - 12:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега