Груевски: Филип Морис носи сигурност за тутунарите во Македонија
Влезот на „Филип Морис“ во Македонија, која е најголемата компанија, број еден во светот за производство на цигари, е сигнал до многу други инвеститори дека во државата има добри услови и клима за бизнис. Ова го потенцира денеска премиерот Никола Груевски по промоцијата на нови пет тома од капиталната едиција „Македонски искушенија“.
- Да се влезе во еден таков ланец значи сигурност, стабилност пред се за луѓето кои соработуваат со овој Тутунски комбинат, односно оние кои го продаваат тутунот - тутунарите, рече Груевски
Појасни дека оваа американска компанија држи најголем дел од пазарите во светот и продава свои брендови.
Премиерот Груевски истакна дека нивното присуство во Македонија не означува само стабилност за тутунарите туку, како што рече, ќе значи можност во иднина да има и одредени инвестиции.
- Нам како држава ни помага за една државна компанија од минатото да застане на свои нозе, влегувајќи во едно вакво партнерство. Тоа ќе значи и сериозен сигнал до другите светски глобални корпорации дека Македонија е добро место за правење бизнис, оти има добри услови и клима за бизнис, нагласи Груевски.
Впрочем, додаде, ова го кажа и членот на бордот на „Филип Морис“ на прес-конференцијата при што првата причина што ја наведе зошто влегуваат во Македонија е создадената одлична бизнис-клима.
Според премиерот, се работи за компанија која е број 1 во светот во тутунската индустрија и една од најголемите корпорации во светот воопшто, земено од сите други индустрии заедно.
На новинарско прашање за новиот состав на Владата, Груевски рече дека разговорите се во тек и додаде оти се ќе се заврши во законскиот рок
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа