Домашен зелник

 

Направете вкусне домашен зелник, еве што се вие потребно.

Состојки за тестото:

800 гр. брашно
2 - 3 лажици масло
1 мало лажиче сол
1 мало лажиче киселина
млака вода по потреба

Состојки за фил:
4 - 5 страка праз
2 јајца
250 гр. сирење

За премачкување: 
1 коцка маргарин и малку нишесте

Подготовка
Се замесува тесто од брашното, маслото, солта и киселината со многу млака вода.
Тестото се меси повеќе време и не треба да се лепи на рацете.
Треба да е средно по мекост, да не е многу тврдо ниту пак многу меко.

Откако убаво ќе се измеси се става 15 минути да постои во фрижидер. Потоа се дели на два дела, едниот да е поголем, другиот помал и секој од деловите се сучи во кора. Корите убаво се премачкуваат со маргарин и се попрскуваат со брашно и потоа се диплат како коцки, така што на секое диплење се мачкаат повторно со маргарин и се попрскуваат со брашно.
Откако ќе се добијат форма на коцки, на најгорниот слој не се става маргарин и двете во одделни набрашнети чинии се ставаат во фрижидер уште 15 минути.

Откако ќе се извадат од фрижидер, со сукало ја расукуваме прво поголемата кора, правиме форма како плехот во кој ќе се пече зелникот и внимаваме краевите од кората да бидат малку поголеми од големината на плехот, треба малку да префрлуваат од него.
Плехот претходно го премачкуваме со масло. На него ја ставаме кората, ја попрскуваме со масло и наросуваме малку нишесте. Потоа го додаваме филот, празот убаво испржен и измешан со јајцата и сирењето и над него ја ставаме останатата кора. Втората кора треба да е малку помала од првата и од префрлените краеви од првата кора формираме витка по крајот на плехот.

Добиениот зелник се попрскува со масло и му се ставаат мали парчиња маргарин.

Зелникот се печи во претходно загреана рерна на 200 °C околу 15 минути, а потоа се намалува температурата на 180°C и се печи уште 20 до 30 минути.

Имајте добар апетит!

18.06.2014 - 12:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа