Еве кои документи ви требаат за да ги отпишете долговите за струја и парно

 

Без купишта документи и без многу чекање на ранливите категории граѓани ќе им се отпишат долговите за струја, парно, радиодифузна такса, минуси на кредитни картички и трансакциски сметки и кредити кои не се обезбедени со движен и недвижен имот. Ќе се отпишуваат и долговите кон нотарите и извршителите, направени при постапките за присилна наплата. Предлог-законот со кој се регулира овој еднократен отпис, што Владата го донесе како приоритетен на својата прва седница во петокот, содржи куси рокови и прецизни процедури, а единствен услов што треба да го исполнат граѓаните за да ја искористат оваа поволност, е да се вклопат во трите категории на кои им следува отпис и долговите да им се направени до 31 декември 2013 година, пишува Вечер.
Како што најави премиерот Никола Груевски, Собранието треба да го донесе законот уште оваа недела или на почетокот на идниот месец, а целата операција на отпис треба да заврши до крајот на октомври, или најдоцна до почетокот на ноември. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, не е поставен лимит за висина на долг кој ќе се отпише. 
- Нема ограничување. Нашата цел е на овие три категории на граѓани, ако ги исполнуваат условите стопроцентно, целосно да им биде отпишан долгот, и по главница и по камати, да биде сведен на нула долгот на граѓанинот. За толку колку што ќе му отпише субјектот долг на граѓанинот, за толку ние ќе им отпишеме обврска да платат данок. Нема ограничување за износот за поединечен граѓанин - објасни Ставрески.

Според нацрт-верзијата на законот, отпис на долговите може да бараат лица кои се корисници на социјална или постојана парична помош, невработени кои над 12 месеци активно барале работа и лица изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност. Притоа, невработените и изложените на социјален ризик во 2013 година заедно со брачниот другар не треба да имаат остварено приходи поголеми од 105.600 денари, што е еднакво на годишен износ на минималната плата. Исто така, не треба да поседуваат друг имот освен тој во кој живеат. 
Процедурите предвидуваат отписот да биде на доброволна основа. Министерството за финансии прво ќе објави јавен повик до доверителите, а откако ќе се потпишат договорите со нив, потоа преку медиумите ќе бидат повикани и должниците да поднесат барање во центрите за социјална работа. Лицата кои ќе бараат отпис ќе треба да поднесат минимум документи, односно лична карта, венчаница и писмена согласност останатите документи по службена должност да ги набави комисија формирана од министерот за труд и социјална политика. Огласите ќе траат седум дена, а договорите ќе се склучуваат во рок од 30 дена.

Се очекува со еднократниот отпис на долговите да бидат опфатени меѓу 50.000 и 100.000 граѓани. 
- Успехот на проектот во голема мера зависи од доверителите. Затоа ги повикувам ЕВН, Топлификација, односно соодветниот субјект кој ја презема оваа дејност, банките, штедилниците, МРТВ, нотарите и извршителите да се вклучат во проектот и да покажат дека не само профитот, туку општествената одговорност е нивниот приоритет - посочи Груевски.

22.06.2014 - 23:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега