Ниска јавната свест во Македонија за селективно фрлање амбалажен отпад

 

Во следните три години Македонија треба да вложи најмалку 10 милиони евра за селективно собирање амбалажен отпад, велат експертите. Иако законот што ја регулира оваа област е одамна донесен, се уште има општини, компании и медиуми кои не знаат што се колективни постапувачи и каква е нивната задача.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, годишно во земјава се собираат околу 100.000 тони пластика, лименки, хартија, стакло,..., или 45 до 50 килограми по жител. Од нив се рециклираат 17 до 20 отсто, но до 2020 година овој процент треба три пати да се зголеми, до 60.

- Реално, многу е тешко да се постигне ова ако веднаш не се почне со вложување и создавање навики, менување на менталитетот. За тоа е неопходно најпрво поставување инфраструктура, посебни контејнери за хартија, пластика, стакло,..., каде граѓаните селективно ќе ја фрлаат амбалажата, но и подигање на јавната свест дека тоа треба да го прават. Ова се всушност двете основни цели на секој постапувач со амбалажен отпад, истакна директорот на „Пакомак“ Филип Ивановски, пренесе МИА.

Во многу случаи, посочи, иако има посебни контејнери, амбалажниот отпад не се фрла во нив, и обратно, нема онаму каде што граѓаните сакаат, имаат желба и свест селективно да го фрлат отпадот.

Според Ивановски, некои општини не си ги знаат обврските, ниту знаат каков партнерски однос да воспостават со колективниот постапувач. Тие во своите буџети мора да предвидат ставки за купување контејнери не само за комунален, туку и за амбалажен отпад.

Тој уште еднаш појасни дека колективните постапувачи се непрофитни организации формирани од компании кои создаваат амбалажен отпад и нивна задача е да организираат систем, како амбалажата од производите што ги консумираме дома, во ресторани, кафеани,..., да заврши на рециклирање, а не на депонија.

Во ЕУ просекот на амбалажен отпад достигнува и до 150 килограми по жител, речиси трипати повеќе од кај нас, особено во скандинавските земји, Франција, Белгија, пред се зашто станува збор за поголеми потрошувачки општества, а и структурата на пијалаци што ја консумираат е поинаква.

- Во Македонија, за 3,5 години најмногу 50 отсто од амбалажниот отпад пуштен на пазарот е финансиран од неговите производители за да се собира. Оттука, голем е просторот за вклучување нови фирми - колективни постапувачи. Во ЕУ, се собираат пет до 10 евра по жител за финансирање ситем за амбалажен отпад. За жал, кај нас се собира помалку од половина евро, а би требало најмалку 10 до 15 милиони евра годишно од фирмите, индустријата, и тие средства потоа да се вложуваат во општините за контејнери, камиони, секундарна селекција, нагласи директорот на „Пакомак“.

„Пакомак“ најмногу соработува со Град Скопје, Тетово, Битола, Штип, Неготино, Кавадарци, Дојран, Струмица и Кичево. Таму веќе се вложува во контејнери и се реализираат кампањи за подигнување на јавната свест. Лани „Пакомак“ рециклира над 9.300 тони амбалажен отпад, главно хартија, пластика и дел стакло. Во Скопје се обезбедени 200 жолти контејнери, а до крајот на годината ќе бидат донесени уште 100. Целта е на секое место каде што има контејнери за комунален отад, да има барем еден за амбалажа.

23.06.2014 - 13:41
Фото: 
капитал
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега