По цели 35 години - Македонија добива најсовремени возови

 

Договор за набавка на нови четири дизел моторни гарнитури и две електромоторни гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај потпишаа денеска Владата на РМ и кинеската корпорација CSR. Се работи за инвестицијата вредна 25 милиони евра - средства од Европската банка за обнова и развој, а доаѓа по 35 години од набавката на последниот нов воз во Македонија.  

Дополнително, со 15 милиони евра почна набавка и на товарни вагони, а со уште 10 милиони  евра ќе се рехабилитираат гарнитури на постојни возови за и тие да се оспособат, така што вкупната инвестиција за обнова на целиот возен парк на „МЖ Транспорт“ а.д. е 50 милиони евра.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишување на договорот рече дека очекува тој да биде исполнет во рокот и во летото 2015 година по македонските пруги да сообраќаат нови, модерни и економични вагони и локомотиви: - Инвестицискиот циклус во следните четири години ќе изнесува над 250 милиони евра. Со оваа голема инвестиција целосно ќе се трансформира и ќе се модернизира македонскиот железнички сообраќај. Железницата не само што е најекономичен начин на транспорт и превоз, туку и најпријатен, лично мене ми е најомилен начин на превоз. Но, факт е дека во РМ  таа не беше целосно искористена. Причините за тоа се недостатокот на инвестиции - и во инфраструктура и во вагони и локомотиви, рече Ставрески.

И министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и генералниот директор на „МЖ Транспорт“ а.д. Оливер Дерковски, го поздравија договорот.

- Почнуваме со креирање една нова, поинаква слика за железничкиот транспорт во нашата земја, посебно затоа што последниот воз е набавен пред 35 години. Продолжуваме со модернизација на состојбите во железничкиот сектор и негово максимално насочување кон потребите на граѓаните со квалитетен и ефикасен патнички превоз, со модерни возови какви што заслужуваат македонските граѓани, рече Јанакиески.

Првите гарнитури треба да стигнат идното лето. Нивниот капацитет е за околу 1200 патници, целосно ќе бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност.

24.06.2014 - 13:16
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега