Фармите ќе добијат софтвери за следење на производството

 

Сто фарми во Македонија ќе добијат бесплатни софтвери за следење на производството со цел поголем квалитет и високи приноси. Со воведување на информатичко-комуникациската технологија, земјоделците ќе имаат увид во остварениот профит и никој не ќе може да ги манипулира при откупот.

Ова е дел од проектот за чија реализација Федерацијата на фармери, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството и словенечката компанија „Даталаб“ денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Се работи за напредно управување со фарма преку водење сметководство, добри земјоделски практики и евиденција на агротехнички мерки.

- Со воведување софтверски решенија практично се поставуваат темелите на модерното, интензивно земјоделство во Македонија. Ќе покажаме дека нашиот аграр е европски и дека, покрај државната финансиска поддршка, во него инвестираме многу, и преку различни проекти, вели директорот на Агенцијата Игор Златков.

Како што нагласи Златков, многу важна компонента од ИТ менаџирањето на фармите е можноста да се знае каков е начинот на работење, дали има и кои се евентуалните пропусти, како и колкава е цената на чинење на производот.

Андреј Мертељ од „Даталаб“, истакна дека крајно време е информатиката да му помогне на земјоделството.

- Целта ни е многу едноставна. Двојно да се намалат бирократските трошоци и времето потребно за административните процедури, да се подобри квалитетот на храната и количината на производство. Особено е битно што ќе се намали загадувањето, внесувањето нитрати и потрошувачката на нафта, посочи Мертељ.

Според претседателот на Федерацијата Никола Стаменов, сметководствениот софтвер значително ќе им ја олесни работата на производителите и ќе ги намали манипулациите со нив.

- Менаџирањето на фармите преку компјутер е пракса во европските држави. Тоа сакаме да се применува и тука за да им овозможи на нашите земјоделци благовремен увид во посевите, да знаат како и што се случува со нив, навреме да реагираат ако е потребно со единствена цел - производство на здрава и квалитетна храна, напомена Стаменов.

Фармите, мали и средни стопанства, кај кои ќе се инсталира сметководствениот софтвер, ќе се бираат наесен, а практичната примена на софтверот се очекува од идната реколта. За земјоделците е предвидена обука за користење на мобилните апликации кои ќе бидат дел од проектот. Допрва ќе се прави анализа колку од нив имаат компјутери и елементарни ИТ познавања. Мертељ од „Даталаб“ смета дека жителите од руралните подрачја многу повеќе користат компјутери и интернет поради изолираноста, но кај нив е скапо воспоставувањето мрежи бидејќи се малку на број.

27.06.2014 - 10:59
Фото: 
mia
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега