Има заинтересирани за процесот за гасификација на Скопје
Во процесот на наоѓање приватен партнер за гасификација на Скопје има пријавено апликанти, но конкретни податоци ќе се соопштат во наредните десетина дена, информираше денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
- Апликанти се пријавени, но конкретни податоци ќе се соопштат во рок од седум до 10 дена бидејќи законски во наредниот период треба да се направи проверка на апликациите и да се види дали ги исполнуваат условите на тендерот што беше распишан, рече Ѓорѓиев.
Повикот за наоѓање приватен партнер беше распишан во јануари годинава, а траеше до 25 мај 2014 година. Тендерот предвидува договорот да се доделува на период од 20 години при што во првите пет години треба и ќе се реализираат подготвителните работи и изградбата на мрежата.
По овие пет години, кога се очекува да биде изграден најголемиот дел од мрежата, се очекува продолжување на градбата со помал интензитет, оперирање и развој на мрежата.
По 20 години, целокупниот изграден систем ќе се пренесе во сопственост и владение на Република Македонија.
Предвидено е да се изградат околу 250 километри примарна дистрибутивна мрежа.
Приватниот партнер ќе има обврска да овозможи секој заинтересиран корисник да плати приклучна такса од 1,25 евра по метар квадратен станбен простор или 100 евра за станбена единица од 80 м2. За куќа од 240 м2 приклучната такса би изнесувала околу 300 евра. Приклучната такса за комерцијалните објекти ќе биде исто 1,25 евра по метар квадратен корисна површина.
Според предвиденото, приватниот партнер ќе треба да вложи средства и во опрема за да се обезбеди намалување на потребните инвестиции на корисниците за приклучување на нивните објекти кон дистрибутивните системи за гас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа