Норвежаните ги сместивме во најлуксузниот македонски хотел, а тие се жалат дека имало казино и се пушеле цигари
Преку официјалната интернет страница на Кошаркарската федерација, Норвежаните го изразија својот револт што вечерашниот натпревар против Македонија нема да го играат во Скопје, туку во Гевгелија.
Иако имаат одлични услови за работа, тие не се задоволни од сместувањето за овој меч, како и од објектот во кој ќе се игра.
„Речиси на границата со Грција, во казино-хотел во кој играчите треба да поминат низ зачадени простории и неколку стотини слот машини за да стигнат до ресторанот, Норвешка се подготвува за важниот меч против Македонија.
Натпреварот нема да се игра во главниот град Скопје каде ја има модерната арена ‘Борис Трајковски’ со капацитет од 6.500 места, туку во Гевгелија, град со 15 илјади жители и во старата и запуштена сала ’26 Април’ која собира 1.300 гледачи“, пишува, меѓу другото, во најавата за вечерашниот натпревар.
Во арената „Борис Трајковски“, која ја бараат Норвежаните, во моментов се одржува Европско првенство во ракомет за жени. Во Скопје постои уште една модерна арена, но раководството на КФСМ, сепак, одлучи дека е добро националниот тим да игра и во внатрешноста каде обично се прави прекрасна атмосфера. Хотелот во кој се сместени Норвежаните е еден од налјуксузните во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа