Нова драма во случајот со "Палевски": Палевски бара изземање на обвинителката Крстевска, таа ги негира обвинувањата

 


Обвинителството има преземено доволно дејствија, сите наводи на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо се неосновани, изјави јавната обвинителка Жаклина Крстевска. 

Според Крстевска, очигледно е дека обвинетиот Љупчо Палевски поднесеното барање за изземање го искористи да ги изнесе сите свои наводи кои што начелно му одат во поткрепа на негова одбрана. 

-Доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани, изјави Крстевска, одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд Скопје. 

Прашана во однос на наводите во барањето за изземање дека обвинетиот Боре Видевски поседувал оружје, Крстевска рече дека обвинителството ги има обезбедено сите докази и истите се приложени во листата на докази. 

- Сите дејствија се преземени од страна на обвинителството, изјави Видевски. 

Во однос на изјавата од бранителот на Палевски, дека останатите обвинети преговарале со обвинителство, Крстевска рече дека ниту еден бранител не разговарал со обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија.

- Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои што се само за обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту на одбраната примерок, па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, изјави Крстевска. 

Прашана дали ќе се испитува кој од обвинителство му ги дал овие списи, Крстевска рече дека не може да се произнесат, додека не преземат конкретни дејствија за конкретно лице. 

- Доколку имаме докази, секако ќе се произнесеме, рече Крстевска. 

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара  изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.

Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3 февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски се произнесе по наводите во барањето за изземање. 

27.01.2025 - 12:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега