Нови наводи за сексуално вознемирување на Жерар Депардје

 

 

Францускиот актер Жерар Депардје се соочува со нови обвинувања од страна на 13 жени, кои тврдат дека се однесувал недолично кон нив и сексуално ги вознемирувал.

74-годишниот актер од „Зелена карта“ (Green Card) е цел на нови обвинувањата откога пред две години  француската актерка Шарлот Арнол (33) го обвини дека ја силувал во неговата вила во Париз во 2018 година.

Тој ги отфрли тврдењата на жените откако францускиот истражувачки портал „Медијапарт“ објави досие во средата (12 април), во кое се наведува како тој наводно ги ловел користејќи слични методи додека ги снимал неодамнешните проекти, вклучително и крими-драмата на „Нетфликс“, Marseille („Марсеј“).

Правниот портпарол на актерот – втора ѕвезда на големото платно по висината на заработка во историјата на француската кинематографија зад Луј де Фин – рече: „Тој официјално ги негира сите обвиненија, кои, најверојатно, ќе потпаднат под кривичниот закон“.

Во извештајот на „Медијапарт“ се наведува: „Покрај жалбата на Шарлот Арнолд, собравме 13 искази од жени што велат дека биле изложени на сексуално несоодветни гестови или предлози од познатиот актер, со различен степен на тежина“.

„Во разните искази се чини дека се повторува истата сцена. Тие се актерки, шминкери и членови на филмска екипа“.

„Тие тврдат дека тој ставал рака на нивниот задник, меѓу нозете или на бутовите или стомакот – и дека им упатувал непристојни сексуални предлози, а понекогаш и упорно стенкал“.

Порталот тврди дека ваквите инциденти биле исмевани од некои луѓе, кои велеле: „Во ред е, тоа е само Жерар“, а наведува дека постои сличност во описот на жените, односно дека тие биле млади и несигурни актерки на почетокот на своите кариери кога наводно биле цел.

Ниту една од 13-те нови претставки во моментот не е формално поднесена до суд.

Наводните жртви на актерот – од кои некои анонимно ги пријавиле своите тврдењата – се плашеле дека можеби никогаш повеќе нема да работат ако јавно ги изнесат своите наводи против ѕвезда што има голема моќ во забавната индустрија, како и културен статус да добие финансирање филмови.

13.04.2023 - 23:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега