Објавен договорот со Агенцијата Рејтинг: ПР кампањата за претседавањето со ОБСЕ, МНР ќе го чини 117.000 евра
117.000 евра е вреден договорот меѓу Министерството за надворешни работи и Агенцијата Рејтинг од Скопје за стратешки комуникации за претседавањето со ОБСЕ. Договорот е објавен на страницата за јавни набавки и изнесува 7 милиони и 200 илјади денари, или 117 илјади евра со ДДВ.
Според договорот, МНР плаќа 1 милиони и 147 илјади денари или речиси 19 илјади евра за ангажман на надворешен консултант за цела година.
Логото и целосниот визуелен идентитет на претседавањето со ОБСЕ МНР ќе го чини речиси еден милион денари или 15 илјади евра.
За водење на профили на социјалните мрежи, МНР ќе плати 619 илјади денари или 10 илјади евра, а за спонзорирање на рекламите предвидени се дополнителни 6 илјади евра, или 372 илјади денари.
Во поголемите ставки во договорот влегува и и ПР стратегијата и изготвувањето на соопштенија, ПР текстови, интервјуа, анализи за што предвидено е да се платат 963 илјади денари или 15 и пол илјади евра.
Прашан зошто се толкави трошоците за маркетиншка поддршка, шефот на дипломатијата пред една недела рече дека станува збор за едногодишна промоција на државата и затоа потребна е експертска помош.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа