ОЈО му одговори на Милошески: Нема судир на интереси кај Коцевски за спогодбата со Иџет Мемети и Наѓе Георгиев

 

Јавното обвинителство тврди дека немало судир на интереси во работата на Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, откако пратеникот Антонио Милошоски обвини за такво нешто при спогодбата со Иџет Мемети и Наѓе Георгиев.

Во краткото соопштение кое го испрати ОЈО само кратко се вели дека судир на интереси немало ниту во овој случај, ниту во било кој друг. 

-Ниту во наведениот, ниту во кој било друг предмет Јавниот обвинител на Република Северна Македонија не бил во ситуација на судир на интерес, се вели во краткиот одговор.

Претходно, пратеникот Антонијо Милошоски на социјалната мрежа Фејсбук рече дека спогодбата со Иџет Мемети и Наѓе Георгиев е аргумент плус за разрешување на Коцевски.

-Спогодбата со Мемети и Георгиев е скандалозна од неколку причини, а одговорноста за тоа е на товар на јавниот обвинител Коцевски. Прво, пари за местење на пресуди не примиле ниту возачот во Врховниот суд, ниту портирот во Советот на јавни обвинители, туку двајца истакнати членови на овие правосудни установи, со големо влијание, со дводецениско искуство во правните работи и пред се функционери кои биле надлежни, одговорни и примале плата за совесно да го спроведуваат законот. Спогодбата која со амин на Коцевски е потпишана со овој судско-обвинителски крими тандем е лоша јавна поука за другите обвинители и судии, и го поткопува принципот на правични санкции што треба да спречат идни општествено-штетни дејствија во оваа фела. Второ, државниот обвинител Коцевски и Иџет Мемети се познаваат долги години, а во времето на истрагата за стореното кривично дело заедно беа колеги, односно и двајцата беа членови во Советот на јавни обвинители. И бидејќи секоја можна спогодба за сторен криминал во предмет од интерес за јавноста се реферира пред државниот јавен обвинител, во овој случај Коцевски како колега на Иџет Мемети, требало заради објективна пристрасност да се изземе од предметот, вели Милошоски.

15.02.2025 - 12:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега