Онколошките пациенти неделава треба да ги добијат лековите - партиите си ја префрлаат вината
Онколошките пациенти, според ветувањата, оваа недела треба да ги добијат лековите кои недостигаат, а за кои алармираа преку медиумите. Надлежните институции најавија дека ќе бидат обезбедени шесте биолошки лекови што недостигаат, а премиерот вети дека во иднина нема да се повтори проблем со недостиг на лекови на Клиниката за онкологија. За проблемот со недостигот на лекови се обвинуваа и двете најголеми македонски партии - СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера во изјава за медиумите рече дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија посочувајќи дека нема недостиг на целата онколошка терапија туку дека „90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ги има во Клиниката за онкологија“.
- Ние досега сме имале дури повеќе отколку минатите години биолошка терапија, меѓутоа побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија. Уште еднаш да повторам - лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија, рече Таравари.
Најави дека интензивно се разговара и со „8 Септември“ набрзо да почне да функционира со цел во Клиниката за онкологија да има помалку пациенти.
- Ние во овој период веќе размислуваме и да се реорганизира Клиниката за онкологија, да функционира слично како Токсикологија. Дирекцијата да биде единствена и директорот да може да ги управува сите подединици кои ќе бидат во градовите каде што може да се подели или да се ординира онколошката терапија. Со тоа ја реализираме нашата цел да има децентрализација и во онкологијата, рече Таравари.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, рече дека „се завршуваат и ќе бидат многу брзо решени“ биолошките лекови што деновиве недостигаат.
- Еден дел ќе бидат решени со донации кои ќе се реализираат во текот на неделата, бидејќи лековите се присутни и ги има на залиха во Македонија, дел ќе бидат со анекси на договорите и тоа го расчистуваме денеска и утре со јавните набавки. Така што, мислам дека критичните лекови ќе бидат многу брзо достапни, истакна Клековски.
Соопшти дека во моментот работат на план, кој наскоро ќе го објават, почнувајќи од дијагностиката. Во разговор со Институтот за патологија и ПЕТ-центарот разгледуваат како да се скрати времето на дијагностика за, како што рече, „сите тие милиони што ги инвестираме во посебно скапа терапија да имаат некаква смисла“.
-Тоа значи доекипирање на патолошки лаборатории надвор од Скопје, зголемување на капацитетот на ПЕТ-скен, забрзување на постапките. Она што ќе го направиме во терапевтскиот дел е зголемување на основниот буџет за речиси 40-50 проценти, тоа треба да биде одобрено оваа недела. И тоа ќе биде значајно отскокнување, некои од критичните лекови ќе бидат зголемени двапати – од три-три и пол илјади вијали на шест-седум илјади вијали годишно, посочи Клековски.
Како што рече, ќе мора да се разгледа и децентрализацијата на терапијата и дел од таблетарната да биде на позитивна листа за да може да се подига надвор од Онкологија, а ќе бараат начин, рече, како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката за онкологија.
-Ние имаме онколошки одделенија во „8 Септември“, во Штип, Битола и во Тетово, кои во овој момент не третираат со биолошка терапија. Или ќе третираат или нема потреба да имаме онколошки одделенија што не работат. Мислам дека заедно со подобрување на Регистарот на пациенти, за да се обезбеди една предвидливост на промените, ќе ја стабилизираме ситуацијата, додаде Клековски.
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување рече дека завршува времето на злоупотреби на омилената веледрогерија на минатата власт која, според нив, заработувала на лекови по екстремно високи цени на грбот на пациентите.
-Најлесно ќе ни беше да продолжиме по принципот „како до сега“, односно една омилена веледрогерија на претходната Влада, да ја негуваме и третираме како тоа што го правеше претходната Влада, да добиваме лекови на реверс кои што три до четири пати повеќе ќе ги плаќаме, без соодветна тендерска процедура, па сето тоа потоа да се враќа. Или, пак, да спроведеме законска тендерска процедура во која што снабдувачите на ваков тип на лекови ќе ги обезбедат за пациентите и тоа го правиме. Веднаш по вчитувањето на буџетот и веднаш по распределбата во рамки на здравствените институциите сите овие процедури се запазени. Во текот на оваа недела сето тоа ќе биде решено и надминато и за првпат нема повеќе да има реверси, нема повеќе да има злоупотреби, посочи Мицкоски во интервју за „360 Степени“ на МРТ.
Мицкоски изјави дека договорите со веледрогеријата ќе продолжат поради соработката со светска компанија, но сега нема да има реверси.
-Како опозиција често пати зборувавме за случајот во Онкологија и за сето она кое што таму се случувало, како лековите биле аплицирани, дали тие лекови биле воопшто третирани на начин на кој што треба да бидат третирани, дали сето тоа биле злоупотребувано. Имаше анкетна комисија во рамките на парламентот и пратеничката Рашела Мизрахи излезе со извештај, според некои информации кои што јас ги имам дел од тие наводи веќе ги третира Обвинителство. Да го почекаме резултатот од сето тоа кое што во минатото го зборувавме каков ќе биде, потенцира Мицкоски.
По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ викендот дека поранешниот министер за здравство, а сегашен лидер на СДСМ е одговорен вчера лидерот на СДСМ на прес-конференција соопшти дека до Обвинителството доставил шестмесечни квартални извештаи за работата на Клиниката за онкологија, како и од експертските работни групи од времето кога тој бил министер. Побара одговори од ВМРО-ДПМНЕ, од пратеничката Рашела Мизрахи која ја водеше Комисијата за онкологија, како и поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити зошто се криеле овие извештаи. Од Обвинителството очекува извештаите да бидат анализирани, но и да се истражи кој и зошто ги криеле. Филипче тврди дека додека бил министер за здравство лекови на Онкологија имало, вклучувајќи ја и Ковид кризата.
- Мизрахи, од тогаш до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за онколигија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на Клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени. Дури и во најтешките ковид времиња, кога имаше рестрикции во движења ниту еден онколошки пацинет и тоа пациентите го знаат, не беше оставен без терапија. Сето тоа било редовно сработувано во Министерството за здравство, рече Филипче.
Според Филипче, против него се води политичка хајка. Очекува, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ и Рашела Мизрахи итно да излезат и да и се извинат на целата македонска јавност што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрниле неговото име, но исто така очекува обвинителството да се изјасни за овој дел од скандалот.
На новинарско прашање, ако во извештаите стоело дека лекови има, а од друга страна пациенти тврделе дека нема терапија за нив, зошто како министер за здравство не се посомневал дека нешто не е во ред, Филипче рече дека во негово време лекови имало „во секој момент за секого и во најтешките ковид времиња“.
За тоа дали ќе понесе одговорност откако во јавноста излегоа информации од вештачењата за несоодветно лекување на Клиниката за онкологија, тој покажа на извештаите.
- Еве ја мојата одговорност во делот на обврските како министер за здравство во Министерството за здравство, за тоа за што бев обвинуван дека недостасувало, еве сега го прикажувам во јавноста дека не недостасувало и дека го имало редовно тогаш како извештај, како стручни комисии и нема да се мешам или да коментирам никаква работа во делот на обвинителството или во работата сега на стручната работа на лекарите сега. Да почекаме да видиме што ќе излезе од тоа, рече Филипче.
На новинарско прашање, не откри дали и претходно имал средба со истражните органи во врска со случајот со Онкологија.
Рашела Мизрахи реагираше на прес-конференцијата на Филипче, обвинувајќи го за системски пропусти и непочитување на законите. Според неа, Филипче како како поранешен министер за здравство, директно или индиректно во неговото неработење дозволил системски башибозук и непочитување на законски одредби.
- Господине Филипче, се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос. Господине Филипче, извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите. Стручните комисии господине Филипче ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи, инаку тие се согласно членот 226 б, ако ве интересира, рече Мизрахи.
Посочи дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност.
- Да ве потсетам исто така господине Филипче дека за време на анкетната комисија вие некако на ништо не се сеќававте, затоа сакам директно да ве прашам: Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани. Господине Филипче треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо освен системски башибозук, кажа Мизрахи.
Посочи и дека претходната власт оставила долг од 12 милиони евра на Клиниката за онкологија, а во нивно време имало и неколку онколошки кризи, како онаа од септември 2023 година.
Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија изминатата недела останаа без биолошка терапија, што предизвика загриженост и страв кај многумина од нив. Лековите како „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“ не се достапни, а пациентите стравуваат дека наскоро ќе ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“, за МИА тогаш изјави дека Клиниката за онкологија не може да одговори на зголемениот број пациенти со метастатски канцери, што е една од причините за недостатокот на терапија. Таа додаде дека иако минатата година беа одобрени дополнителни средства, тие не беа доволни. Марјановиќ апелираше до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да најдат итно решение за пациентите кои во моментов се оставени без терапија.
Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје информираа дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури и буџетски ограничувања. Тие уверуваат дека се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, со цел навремено и континуирано снабдување со терапија.
СДСМ ја обвини власта за хаосот на Онкологија. Според нив, ова е резултат на аматерскиот и неорганизиран пристап на власта, која наместо решенија, нуди изговори. Тие побараа оставки од директорите на Клиниката за онкологија, Фондот за здравство и министерот за здравство, обвинувајќи ги за неспособност и незаинтересираност за здравјето на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, повика Јавното обвинителство да отвори сеопфатна истрага за злоупотреби со онколошка терапија. Тие тврдат дека „мафијата на смртта“, заштитена од политички структури блиски до СДС и ДУИ, тргува со животите на најтешко болните пациенти и прави бизнис од нивната болест.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа