Општина Аеродром заедно со граѓаните ја финализираше втората верзија на ДУП-от во Лисиче
Изминатиот период на веб-страницата и социјалните мрежи на Општина Аеродром беше објавен повик за спроведување втора јавна анкета и презентација за коригираниот предлог-ДУП за населба Лисиче. Во периодот од 3-ти јули до 10-ти јули, општината ќе спроведе втора јавна анкета која се однесува на коригираниот предлог за овој ДУП. Јавната презентација ќе се одржи на 05-ти јули во просториите на ООУ ,,Димитар Македонски”, а коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден за времетраењето на анкетата.
Во дел од медиумите веќе вчера беше објавено дека втората верзија за деталниот урбанистички план за УРБАН БЛОК ЈИ 09.01 ДЕЛ ОД ГРАДСКА ЧЕТВРТ ЈИ опфаќа значително помал број станбени објекти во споредба со првата верзија, намалување на катноста на станбените објекти кои остануваат, намалување на бројот на ново проектирани улици, зеленило во форма на парковска површина од 2000 квадратни метри и легализација на повеќе од 100 објекти за индивидуално домување.
Изработката и носењето на деталниот урбанистички план за овој дел од Општина Аеродром, првенствено има за цел решавање на инфраструктурните и комунални проблеми на граѓаните, а потоа подобрување на квалитетот на живеење во Аеродром. Целиот процес на изработка деталниот урбанистички план се одвива низ транспарентна постапка и во целиот тек на таа постапка на посреден и непосреден начин беа вклучени граѓаните и останатите заинтересирани постапки.
Апелираме до политичките партии и останатите поединци кои го ставаат личниот и политичкиот интерес, пред интересот на граѓаните, да се воздржат од неконструктивни и нестручни критики и забелешки со кои само создаваат непотребна конфузија во јавноста. Сите информации поврзани со деталниот урбанистички план за населбата Лисиче Општина Аеродром на дневна основа ги споделува со јавноста, а општинската администрација, вклучително и градоначалникот и неговиот кабинет остануваат отворена за комуникација со граѓаните, со цел финалната верзија на деталниот урбанистички план да биде прифатлив за сите - се вели во соопштението на општината
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа